26 мозаика изработени од учениците од VI до IX одделение во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци ги красат ѕидовите на уметничката галерија „Амам“. Изложбата во соработка со НУ Музеј- Гевгелија беше отворена на 19 мај 2025 година, на којашто присуствуваа голем број граѓани воодушевени од креативноста на учениците.
Како што истакна наставничката по ликовно образование, Анамарија Митриќеска Кал`чева, ментор при изработката на мозаиците, подготовката траела 3 месеци, а на еден мозаик работеле од 2 до 5 ученика.
– Мозаикот е одлична активност која комбинира уметност, едукација и личен развој – на забавен и практичен начин. Процесот е доста интересен и пријатен за децата, од избор на скиците, кршење на плочките, редење, па се до завршниот дел фугирање и чистење. Ваквите активности ги развиваат когнитивните, социјалните и емотивните вештини, креативноста и естетика сè до културната свест. Мислам и се надевам дека во нашата земја треба да има повеќе вакви настани и посетеност, а децата да се што повеќе вклучени, за да може да се развива свеста за естетиката и културата во нив, што несомнено би довело до посветла иднина и способност за тимска работа- рече Митриќеска Кал`чева.
Притоа изрази благодарност до директорката и колегиумот кои имаа трпение и овозможија услови за работа на вака големи проекти, Како и благодарност и до Општина Гевгелија за поддршката на оваа активност во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата и сите кои ги донираа материјалите и овозможија успешно завршување на проектот. Мозаиците ќе бидат изложени во Амамот до 27 мај 2025 година.







