Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 26 ноември (среда), со почеток во 20:00 часот, на сцената на Народниот театар- Гевгелија ќе се изведе премиерно комедијата „Скржавец“, во продукција на Драмската секција при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија.
Под менторство на Катерица Џишева Дупарова, младинците- членови на секцијата ја подготвија оваа динамична и духовита претстава инспирирана од делото на Молиер, која преку хумор, комични ситуации и живописни карактери ги обработува темите на скржавоста, алчноста и човечките слабости, испреплетени со мотиви од љубовта.
Претставата на сцената носи свежина и младешка енергија, а актерските изведби на младинците го оживуваат молиеровскиот дух на прекумерни страсти, комични конфликти и препознавање на сопствените манири во ликовите. Менторката Џишева Дупарова успешно ги води младите актери низ процесот на интерпретација, градење лик и сценско изразување, создавајќи претстава која ќе понуди смеа, забава и современа рефлексија на веќе позната класика.
Комедијата е наменета за младинска и возрасна публика, а гевгелиските љубители на театарот ќе имаат можност да присуствуваат на уште една претстава која го поттикнува талентот и развојот на младите уметници во градот.



