На 26 јуни 2025 година (четврток), со почеток во 20:00 часот, во хотел „Аполонија“ – Гевгелија ќе се одржи пијано-концерт на младиот пијанист Давид Павиќ, под наслов „Од барок до романтизам“. Концертот се реализира во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, како дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Со избраниот репертоар, Павиќ ќе поведе на музичко патување низ четири значајни епохи од историјата на класичната музика.
На Концертот ќе бидат изведени „Прелудиум и Фуга во F-dur“ BWV 880 од Јохан Себастијан Бах, „Соната во As-dur“ Hob XVI:46 од Јозеф Хајдн, „Етида оп. 10, бр. 8“ од Фредерик Шопен, како и „Шпанска рапсодија“ од Франц Лист и „Прелудиум оп. 23 бр. 4“ од Сергеј Рахманинов. Музички епилог на Концертот ќе биде бис-изведбата на делото „Ревиско оро“ од Милан Завков и Дамир Имери.
Давид Павиќ е роден во 2005 година во Скопје. Започнува да свири пијано на седумгодишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“. Средното образование го продолжува во истото училиште, во класата на проф. Елена Костовска, а во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Елена Атанасовска. Добитник е на бројни награди од државни и меѓународни натпревари (Полихимнија, EPTA, Art In, Смедерево, Врање, и др.), и редовен учесник на концерти, фестивали и културни манифестации во земјата и странство.
Како солист и пијано соработник настапувал во различни камерни состави, оркестри и интернационални програми како Еразмус+, со концерти во Рим, Белград, Хрватска и Будимпешта. Особено се истакнува неговиот солистички настап во салон 19:19, како и настапите во Даут-пашин амам, на Фестивалот “Camerata ad Astra“, „Коронијалс“, Клари-фест, како и концертот со оркестар на FAMES Институтот. Во текот на своето образование посетува мастеркласови кај истакнати професори од Македонија, Србија, Турција и Италија.
