Во рамки на програмските активности со кои Општина Гевгелија го одбележува статусот „Град на културата за 2025 година“, на 27 ноември 2025 година (четврток), во 19:00 часот, во Уметничката галерија „Аман“ ќе биде отворено третото издание на изложбата „НарАРТива“. Настанот е во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, во соработка со НУ Музеј- Гевгелија.
Годинешното издание го носи мотото „Кога зракот го допира стихот“, кое ја отсликува суштината на концептот- спојот меѓу поетскиот израз и визуелното толкување. Поезијата претставува основен мотив околу кој се развиваат ликовните интерпретации, а изложените дела го истражуваат односот меѓу стихот, светлината, бојата и формата.
На „НарАРТива 2025“ ќе се претставуваат: Владимир Илиевски, Мирјана Крстева Массетти, Перо Кованцалиев, Вангел Срнаков, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Славица Милева, Александар Јанев, Љупка Галазска-Василев и Габриела Стахурска Гошева.
Уметничките дела претставуваат визуелни рефлексии на избраните поетски содржини, создавајќи современа, интермедијална поставка што го нагласува значењето на литературата како инспиративна база за ликовното творештво.
Како дел од програмата со која се реализира манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Изложбата „НарАРТива“ претставува значаен културен сегмент што ја потврдува определбата на општината кон поддршка на современите уметнички практики. Преку интермедијалниот пристап, настанот не само што го афирмира домашното ликовно и литературно творештво, туку придонесува и кон збогатување на културната понуда, интензивирање на креативните културни процеси и создавање препознатлив уметнички идентитет на Гевгелија во рамки на националната културна сцена.



