Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 29 декември 2025 година (понеделник), со почеток во 19:00 часот, на сцената во Народниот театар- Гевгелија, премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Печалбари“, во продукција на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во соработка со Драмската група „Дон Кихот“. Влезот е слободен.
Претставата ја обработува темата за печалбарството и судбината на македонскиот човек преку драмска изведба во која се испреплетуваат дијалогот, сценското дејство и вокални изведби на актерите, односно изведба на народни песни. Пеењето е вградено во сценскиот израз и значајно придонесува за емотивната длабочина, автентичноста и драмската атмосфера на претставата.
Улогите ги толкуваат: Каме Ќаев, Боркица Мурџева, Светлана Стојковиќ, Силвестер Проле, Ангелина Шуклева, Влатко Сапламаев, Мартин Костадинов, Костадин Узунов, Вероника Дојранлиева, Јована Дупарова, Розета Миовска, Катерина Јовановска, Илија Пандев, Матеј Велков, Душко Димитров и Никола Јанковски, кои преку колективна актерска игра ја носат драмската тежина и тематскиот набој на делото.
Режијата е на Катица Џишева Дупарова, која со прецизна сценска поставеност, јасна режисерска визија и внимателна работа со актерите и по драмскиот текст на македонскиот драматург, Антон Панов, успева да го оживее духот на делото и да создаде динамична, емотивно набиена претстава блиска до современиот гледач.
Сценографијата е дело на Гордана Николовска Петрова, која преку визуелни решенија инспирирани од традиционалниот амбиент и симболиката на времето создава сценски простор што се вклопува во драмската целина и ја надополнува актерската игра.
Музичката обработка на народните песни е на Влатко Сапламаев, при што песните се изведуваат вокално од самите актери, што ѝ дава на претставата дополнителна емоционална сила и сценска живост.
Настанот е отворен за пошироката јавност што претставува уште една можност граѓаните на Гевгелија и пошироко да уживаат во квалитетна театарска продукција, создадена од локални аматери и љубители на театарот, и да бидат дел од културните содржини со коишто градот ја одбележува 2025 година како година на културата.
Претставата „Печалбари“ ветува силно уметничко доживување и значаен културен настан кој достојно го заокружува годишниот културен мозаик на Гевгелија, обединувајќи ја драмската уметност, традицијата и живиот вокален израз во една силна сценска целина.



