Дождот и градот што на 12 март 2024 година ги зафати населените места: Гевгелија, Мрзенци, Негорци, Милетково и Богородица предизвика штети на 42.2348 хектари со различни земјоделски култури и посеви. Вкупната штета на ниво на Општина Гевгелија изнесува 29.035.339 денари. Според Елаборатот за проценка на штетите што го изготви Општинската комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, а што го усвои Советот на Општина Гевгелија на својата 43. седница, пријави за штети од мартовското невреме пријавиле 55 физички и правни лица, од кои 49 индивидуални земјоделци и 6 компании. Оштетувањата се движат од 20 до 100%, а најголеми штети се предизвикани на лозовите насади.
Советот на Општина Гевгелија, по усвојувањето на Елаборатот, заклучи истиот да се достави до Републичката комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, до Владата на РСМ и до Министерствата за финансии и за земјоделство, шумарство и водостопанство. Истовремено, беше укажано на потребата за анимирање на инидивидуалните земјоделци за осигурување на земјоделските посеви и повторно воспоставување на градобијниот заштитен систем.