Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Општина Гевгелија во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и НУ Музеј- Гевгелија ја најавуваат изложбата „Жанр сцени“- избор од богата и вредна колекција на Националната галерија на Република Македонија. Настанот претставува ретка можност гевгелиската јавност да види дела што инаку се чуваат во депоата на Националната галерија, а кои носат висока историска, естетска и културолошка вредност.
Во изборот се вклучени репрезентативни дела од основоположниците на македонското современо сликарство- најстарата генерација што творела пред двете Светски војни- како и од повеќе истакнати автори од различни генерации. Меѓу нив се делата на: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Јаков Зографски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Василие Поповиќ- Цицо, Методија Ивановски- Менде, Коста Хакман и други современи академски уметници.
Жанр сцените, како уметничка тема, претставуваат континуирана инспирација низ вековите- секојдневието, човечките карактери, односите и моментите фатени во живописни прикази, се мотиви што многу автори ги валоризираат како врвни уметнички изрази. Со оваа поставка се истакнува токму богатството и разновидноста на жанр сцените, прикажани преку дела од домашни и странски уметници.
Тематската изложба, која првично беше реализирана во просторот на „Мала станица“ во октомври 2022 година, повторно добива нов живот преку нејзино претставување во повеќе градови низ државата. Проектот има за цел да го доближи движното културно наследство до пошироката јавност, а планираната соработка ги опфаќа Велес, Битола, Охрид и Гевгелија.
Оваа гостувачка изложба претставува значаен културен настан за Гевгелија- град кој во 2025 година ја носи титулата „град на културата“, дополнително збогатувајќи ја програмата со содржини што го афирмираат националното уметничко богатство и ја поттикнуваат културната размена. Добредојдени се сите љубители на уметноста да присуствуваат на свеченото отворање.



