Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 3 ноември (понеделник), во 12:30 часот, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“ -Гевгелија ќе се одржи промоција на книгата „Одблесоци на сонот“. Збирката ја издаде ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија и во неа се опфатени наградените литературни творби од конкурсите распишани по повод Месецот на книгата, како и дела создадени на Работилниците по креативно пишување во периодот 2022–2024 година.
Во збирката се вклучени раскази и есеи на ученици од сите основни и средното училиште во општина Гевгелија. Творбите од работилниците по креативно пишување се создадени под менторство на проф. Елизабета Инадеска- Ефремова и проф. Вања Манчева, додека наградените творби од конкурсите по повод Месецот на книгата се реализирани под менторство на професорите: Жаклина Линкова, м-р Мери Олумчева, Маја Танова, Тања Чугунцалиева, Бисерка Макревска, Стефчо Стефанов и Жаклина Атанасова.
Во промоцијата на збирката ќе учествуваат и ученици од Драмската секција за деца и младинци при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија.
Издавањето на „Одблесоци на сонот“ претставува значаен дел од културната програма „Гевгелија град на култура за 2025 година“, со што се афирмира креативниот израз на младите автори и се поттикнува нивното активно учество во културниот живот на заедницата. Оваа книга е сведоштво за континуираната посветеност на градот кон развојот на младинската култура, литературата и образованието, претставувајќи ја Гевгелија како средина што ги негува талентите и ги поддржува идните генерации творци.
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија изрази благодарност до сите ученици, нивните ментори и членовите на Комисијата за оценување, кои секоја година придонесуваат за афирмација на младите литературни таленти во градот.




