Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 3 септември 2025 година (среда), со почеток во 20:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена четвртата самостојна Изложба на уметнички слики од Тања Трајкова од Гевгелија, насловена „Имагинација“.
Изложбата, поддржана од Општина Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј- Гевгелија, претставува дел од културното збогатување на годината во која Гевгелија го носи престижниот статус „град на културата“.
Истражувајќи различни уметнички техники, авторот бара инспирација во различни теми, вклучувајќи портрети, животни, светски мапи, па дури и апстрактни дела. Создавањето на вакви уметнички дела, значи слобода во изразувањето користејќи секојдневни предмети како ликовни материјали на пример листови, цветови, шаблони, чешли и др. и токму тоа чувство на слобода е пренесено на делата. Преку живописните слики, претставени се природните убавини околу нас и ‘се живо што не опкружува. Секое животно кое што е претставено во делата со својот уникатен изглед е ремек- дело на еволуцијата. Секоја слика и стих се акт на имагинација – не само во создавањето на нешто визуелно и поетско, туку и во пренесувањето на пораки, емоции и симболика. Авторот гледа свет што не е ограничен со реалноста, туку проширува преку боја, збор и визија – што е суштината на имагинацијата. Преку оваа интуитивна експлорација, животинските мотиви се преклопуваат, апсорбирајќи ги текстурите и движењата на позадината за да создадат единствен универзум, спојувајќи ја фантазијата и реалноста.
