Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 8 август 2025 година, во Уметничка галерија „Амам“, свечено беше отворена патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“. Овој настан беше исполнет со искрени емоции, силни пораки и барање за поддршка од локалната заедница, односно потреба од поголема инклузивност и прифаќање на различностите во општеството.
Свеченото отворање го означи Гере Трипков, претседател на Здружението „Икуалити“, кој со зборови полни инспирација нагласи дека оваа изложба претставува многу повеќе од уметничка поставка:
– Секој портрет што го гледаме тука носи зад себе приказна за храброст, достоинство и отпорност. Оваа изложба е повик до сите нас да ги отвориме очите и срцата за различностите, и да изградиме општество кое ги прифаќа сите свои членови со почит и љубов.
Изложбата содржи 31 впечатлив портрет на лица со попреченост, кои преку нивниот лик и приказна ја пренесуваат потребата од човечка блискост и разбирање. По првата успешна поставка во Крушево, изложбата стигна во Гевгелија- која оваа година е носител на престижната титула „град на културата“ и активно го промовира концептот на инклузивност како централна вредност во својот културен развој.
Покрај уметничката вредност, изложбата е и силна социјална порака која ја збогатува културната сцена на градот, давајќи глас на оние кои често остануваат невидливи во јавниот живот. Посетителите имаат можност да се запознаат со секој лик и неговата уникатна животна приказна, да се проникнат од човечноста што ја носи секој портрет и да размислат за значењето на прифаќањето и солидарноста. Изложбата „Живеј со стил – поддржи различности“ е отворена во Гевгелија сè до нејзиното преселување во Ресен (15 август), носејќи ја пораката дека различноста е наша сила и богатство, која нè поврзува и нè прави подобри како општество.
Проектот е реализиран од Здружението „Икуалити“, со поддршка од Министерството за култура и туризам, а во соработка со НУ Музеј- Гевгелија и Општина Гевгелија, како дел од заедничките заложби за изградба на инклузивно, хумано и културно свесно општество.

























