Со свечено доделување на наградите, во присуство на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и членовите на семејството на Иван Пенов, успешно заврши 5. јубилејно издание на Меморијалниот турнир во баскет „Иван Пенов“. Финалните натпревари се одиграа во спортската сала „26 Април“- Гевгелија, каде што беа прогласени најдобрите екипи и индивидуалци по категории. Во женска категорија, победничка беше екипата „Red Tigers“, додека второто место го освои „Дон Андон“, а третото „Jumi“. Во машката јуниорска категорија, првото место му припадна на „Автошкола Прима“, второто место го освои „Coffe bar Fame“, а третото „Бербер Зајков“. Кај сениорите, најдобри беа „Cabrela Coffe“, пред „Casino Flamingo“ и „Itek“. Како поединец, Никола Бојчев ги понесе титулите МВП и најдобар шутер. Лазар Димов, пак, беше награден како најдобар млад играч.
– Гевгелиската публика имаше можност да ужива во незаборавен спортски настан кој ги обедини помладите и постарите љубители на кошарката, пружајќи им прилика за заедничко дружење и навивање. Ме радува сè поголемиот интерес на млади спортски учесници и ентузијасти, што е јасен показател дека спортот е жив и силен во срцето на нашата општина. Имав чест да присуствувам на финалната вечер од турнирот и да бидам дел од доделувањето на наградите на најдобрите натпреварувачи- изјави градоначалникот Сарамандов.
Во периодот од 29 јули до 4 август 2025 година, на Турнирот учествуваа вкупно 26 екипи од Општина Гевгелија, поделени во три категории: 10 екипи во машка категорија- јуниори (А и Б група, до 18 години), 12 екипи во машка категорија- сениори (А и Б група, над 18 години) и 4 екипи во женска категорија. Натпреварите традиционално се одржуваа на кошаркарското игралиште „Иван Пенов“ во Гевгелија, кое оваа година, поради неповолни временски услови, ги пречека финалните средби во спортската сала „26 Април“.
Освен спортскиот карактер, Турнирот претставуваше и можност за градење на заедништво, промовирање на спортскиот дух и оддавање почит кон прерано починатиот Иван Пенов. Неговата љубов кон спортот и посветеноста остануваат вечна инспирација за младите генерации, а неговиот спомен продолжува да живее низ енергијата и посветеноста на учесниците и поддржувачите од локалната заедница.
Овој спортски настан е поддржан од Општина Гевгелија, преку Програмата за финансирање на спортските активности за 2025 година.

















































