Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечерва (5 ноември) со почеток во 18:30 часот, во Младинскиот дом во Негорци ќе се одржи 4. Меморијален фолклорен фестивал „Засекогаш со нас“, во чест на Игор Мицев. Настанот го организира ЗКУД „Негорци“- Негорци, во спомен и почит кон својот долгогодишен член и истакнат љубител на фолклорот и традицијата.
На Фестивалот ќе се претстават повеќе културно-уметнички друштва и фолклорни секции: домаќините КУД „Негорци“- Негорци, КУД „Браќа Толеви“- Прдејци, КУД „Бранд Петрушев“- Богданци и нивната фолклорна секција во Стојаково, Фолклорната секција од Богорица и КУД „Младост“-Јосифово.
Фестивалот има за цел да ја негува и пренесува традицијата на македонската народна песна и игра, како и да ја потврди улогата на фолклорот како мост меѓу генерациите и културите, оддавајќи почит на Мицев. Со ваквите настани, Општина Гевгелија и ЗКУД „Негорци“ ја продолжуваат мисијата на зачувување на нематеријалното културно наследство и колективната меморија на заедницата.
Настанот се реализира со поддршка од Општина Гевгелија.




