Вкупниот износ на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година е проектиран на 731.302.538 денари. Имено, Буџетот на Општина Гевгелија ги содржи вкупните приходи 2025 година и тоа: даночните приходи што учествуваат со 117.200.00 денари или 13.82%, неданочните приходи со 26.152.200 денари или 3,58%, капитални приходи или 3,86% и трансфери и донации со 502.682.701 денар или 68,74%.
Капиталните расходи во вкупниот Буџет на Општина Гевгелија учествуваат со 153.521.721 денар или 21,00%, додека во Основниот буџет капиталните расходи учествуваат со 41.19% или 145.659.321 денар. Во капиталните расходи спаѓа финансирањето на: купување опрема и машини, изградба на градежни објекти, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, изградба и реконструкција на сстеми за водоснабдување, изградба на паркови и зеленило итн. Со што, со процентот на капитални расходи во вкупната проекција на Општинскиот буџет за 2025 година е задржана развојната компонента на општината. Ваквата финансиска рамка за наредната година, со мнозинство гласови, ја усвои Советот на Општина Гевгелија на својата 55. седница.
Во своето излагање на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, даде осврт на проектите и активностите што ќе се реализираат во претстојната година, а се од суштествено значење за подобрување на условите за живот на граѓаните од општина Гевгелија.
– Во Основниот буџет за идната година, кој е зголемен во споредба со минатите години, влегуваат грантовите добиени од Министествата и Владата на РМ. Споредено со претходните години, во однос на расходната страна, за идната година се предвидени плус 6.000.000 денари за изборни активности, зголемен е и делот за исплата на кредитите, бидејќи започнува исплатата на комерцијалниот кредит за изградбата на Западниот булевар. Но, зголемување имаме и кај капиталните расходи, односно 41% или околу 142.000.000, како резултат на средствата добиени од Владата. Тука спаѓаат поголем дел од проектите што ќе се реализираат во 2025 година, дел со сопствени средства, грантови и кофинансирање или со нови средства од новиот повик од Владата- истакна градоначалникот на општина Гевгелија. Притоа, нагласи дека приоритетна ќе биде реализацијата на капиталните проекти.
– Значи, во 2025 година предвидено е завршувања и пуштање во сообраќај на заобиколницата – продолжувањето на Западниот булевар, предавање во употреба на доградбата на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија и на спортската сала на ДТВ „Партизан“, како и на Атлетската патека во СРЦ „Касарна“. Во Урбан блок 4.4 во Гевгелија ќе се изгради водовод и канализација со доделениот грант, а со сопствени средства ќе бидат асфалтирани улиците. Идната година започнува реставрацијата и реконструкцијата на Старата чаршија, изградбата на брзодинамичен кружен тек со изградба на мост и дислокација на каналот „Рауљ“ на влезот од градот, како и реконструкција на натпатникот над железничката пруга со нови коловозни ленти, тротоари и ограда. Во 2025 година ќе започне и реконструкцијата на главната гевгелиска улица „Маршал Тито“ со зачувување на автентичноста, а предвидена е изградба на новопланираната улица во УБ 5 – „Касарна“, асфалтирање на улицата „Ѓоко Тутушев“ и реконструкција на улицата „Браќа Миладинови, но и реконструкција на главната улица и партерно уредување на центарот во Богородица, партерно уредување на центарот на Моин, реконструкција на влезната улица во Прдејци, на улици и краци во: Миравци, Мрзенци, Ума, Смоквица, Конско и Смрдлива Вода. За подобрување на комуналната инфраструктура ќе биде изградена атмосферска канализација на улицата „Гоце Делчев“ и во Милетково.
По барање на граѓаните, значително ќе бидат зголемени и уредени зелените површини со изградба на нов парк „Железничка“ и ново детско катче во Гевгелија, како и нови паркови во Миравци и Негорци, партерно уредување и нова опрема кај улиците „Илинденска“, „Коле Неделковски“ и комплексот „Сава Михајлов“. Исто така, претстои и целосна реконструкција на старото и историски значајно училиште во Серменин. Идната година продолжува акцијата за проширување и обнова на спортската инфраструктура со реконструкција на спортското игралиште „Елена Костадинова“ во населбата Серменинска, нов спортски терен во дворот на СОУ„Јосиф Јосифовски“, модерна подлога во спортската сала на ООУ „Владо Кантарџиев“, на фудбалското и кошаркарското игралиште во Миравци, нов спортски терен во училишниот двор во Мрзенци и нови детски игралишта во Кованец и во Смоквица.
Општина Гевгелија продолжува со поттикнување и финансиска поддршка на активностите на младите, подобрување на квалитетот на социјалните услуги, културните и спортските проекти и манифестации, активностифе на месните заедници, невладините организации и здруженија на граѓани. Така, во Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година се предвидени средства за бесплатен оброк за ученици од социјално-ранливите категории, собвенции за набавка на велосипеди, стипендирање на суденти на медицина, бесплатни логопедски третман и на курсеви за тапани, гитара, ликовна и драмска секција. Утврдената буџетска рамка овозможува Општина Гевгелија и во идната година да продолжи со исто темпо на реализација за да биде урбана, модерна и општина со висок степен на развој- вели градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.