Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечерва (18 декември 2025 година), во хотелот „Аполонија“- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи Концерт на проф. Иван Наумовски и неговите студенти, во организација на ЗГ „Музички моменти“- Гевгелија по повод одбележувањето на 25-годишната музичка дејност на Здружението.
Концертната вечер ќе биде посветена на вокално-уметничкиот израз и ќе понуди богат и разновиден репертоар од класичната музичка литература, преку дела на истакнати композитори како: Џовани Батиста Ѓордани, Антонин Дворжак, Волфганг Амадеус Моцарт, Винченцо Белини, Хуго Волф, Џакомо Пучини и Џорџ Гершвин. Настапите на младите уметници претставуваат резултат на нивната посветена педагошка и уметничка работа под менторство на проф. Иван Наумовски, афирмирајќи го континуитетот и квалитетот на музичката едукација.
На концертот ќе настапат: Наталија Нешковиќ со изведбите на „Caro mio ben“ од Џ. Ѓордани и „Vaga luna“ од В. Белини, Кармен Гемту со „Stara matka“ од А. Дворжак и аријата „Ho perduta“ од В. А. Моцарт, како и Виктор Горѓиев со „Slyš o boze“ од А. Дворжак и „O Isis und Osiris“ од В. А. Моцарт. Дејан Симоски ќе се претстави со „Varning“ од В. А. Моцарт и „I got plenty o’ nothin’“ од Џ. Гершвин, додека Сујата Мемети ќе ја изведе аријата „Deh vieni non tardar“ од В. А. Моцарт.
Во програмата се вклучени и настапите на Анастасија Славковска со „Verborgheit“ од Х. Волф и „Porgi amor“ од В. А. Моцарт, Ангела Стојнова со „Voi che sapete“ и „Non so più cosa son…“ од В. А. Моцарт, како и Ева Живковска со „Ad una morta“ и „O mio babbino caro“ од Џ. Пучини, заокружувајќи ја концертната програма со силен емоционален и уметнички израз.
Пијано-придружбата на концертот ќе ја реализираат проф. Огненка Герасимовска, Горјан Стојановски и Шпетим Мемети, кои со својата интерпретација ќе ѝ дадат дополнителна стабилност и уметничка длабочина на концертната целина.
Концертот на проф. Иван Наумовски и неговите студенти претставува значаен настан во културниот календар на Гевгелија, кој ја нагласува важноста на поддршката на младите уметници и афирмацијата на класичната музика, како суштински дел од програмата на „Гевгелија град на културата за 2025 година“.



