Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 9 декември 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, ќе се одржи концертот „Музичка ризница“ во изведба на камерниот ансамбл „Пијано трио“.
„Пијано трио“ е составено од тројца етаблирани музички уметници: Татијана Петрушевска- обоа и прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски- фагот, прв фагот во оркестарот на НОБ и професор на ФМУ, и Петар Макариевски- пијано, уметнички соработник при ФДУ. Триото, формирано во 2014 година, е препознаено по својот истенчен и моќен звук, по извонредната интерактивност и техничка прецизност, како и по индивидуалната виртуозност на секој член.
Публиката ќе има можност да ужива во програма што опфаќа дела од различни музички епохи и стилови. Во рамките на вечерата ќе бидат изведени композициите „Flashes“ од Горан Начевски, создадена во 2023 година специјално за „Пијано трио“, „Salon Trio“ од Клејр де Грандвал, како и неколку бисери во инструментални аранжмани- Аријата на Ленски од операта „Евгениј Онегин“ од П. И. Чајковски во верзија за фагот и пијано, Аријата на Лучија од „Лучија ди Ламермур“ од Гаетано Доницети за обоа и пијано, како и Аријата на Риналдо од истоимената опера на Георг Фридрих Хендл во аранжман за пијано. Од класичниот бисер Моцарт ќе биде изведена Серенадата од „Дон Жуан“, како и Дуетот од истата опера. Програмата продолжува со Интермецо од операта „Кармен“ од Жорж Бизе, со Аријата на Далила од „Самсон и Далила“ од Камиј Сен-Санс, а вечерта ќе биде заокружена со „Scherzo“ од К. Фридеман, дело напишано за обоа, фагот и пијано.
Триото има остварено бројни настапи низ Македонија и регионот, меѓу кои: Скопје, Гевгелија, Куманово, Прилеп, Виница, Крушево, Делчево, Нови Сад, Истанбул и Загреб. Во 2024 година, ја доби и наградата „Георги Божиков“ доделена од СОКОМ за исклучителниот придонес во развојот на концертната дејност и афирмацијата на музичката уметност. Концертот „Музичка ризница“ претставува значајно збогатување на културната програма во рамките на титулата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и носи вечер исполнета со исклучителна камерна уметност, емоција и висока музичка интерпретација. Се реализира во соработка со Општина Гевгелија и ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.



