Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, утре- 9 јули 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во просториите на ЈОУ Пионерски дом- Гевгелија, ќе се одржи Изложба на артпринтови, разгледници и сувенири во акварел од уметницата Ана Петрова.
Изложбата претставува можност за љубителите на визуелната уметност да се запознаат со креациите на младата и талентирана авторка, која преку акварел техника доловува впечатливи пејзажи, културни знаменитости и урбани сцени од Гевгелија и поширокиот регион. Нежните бои, внимателната деталност и емоционалниот израз ги претвораат овие дела во вистински визуелни спомени, достапни како уметнички принтови, разгледници и рачно изработени сувенири.
Настанот, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, има за цел да ја истакне локалната културна понуда и да поттикне интерес за уметноста и културното наследство преку современи и креативни изрази. Посетителите ќе имаат можност не само да уживаат во изложбата туку и да понесат со себе дел од духот на Гевгелија, преку оригиналните дела инспирирани од нејзините препознатливи знаменитости.
