Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, гевгелискиот уметник Борис Петров ќе го одбележи значајниот јубилеј – 70 години од своето ликовно творештво. По тој повод, на 24 мај 2025 година (петок), со почеток во 20:00 часот, во хотел „Аполонија“ – Гевгелија, ќе се одржи самостојна изложба и промоција на монографија посветена на неговото богато творештво. На изложбата ќе бидат претставени избрани дела од различни творечки фази на уметникот преку кои оставил силен печат во македонската современа ликовна сцена.
Ликовниот уметник Борис Петров е роден во Гевгелија, во 1935 година. Сликарство завршил во Училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на Лазар Личеновски и Педагошка академија- oтсек Сликарство во Скопје. По враќањето во Гевгелија, кратко време работи како наставник по ликовно воспитување во ОУ„Ј.Б.Тито“ во Валандово, а од 1958 година работи како ликовен педагог во ОУ „Владо Кантаџиев“ во Гевгелија се до своето пензионирање. Покрај педагошката работа, Борис Петров целосно му се посветува на сликарството. Член е на ДЛУМ од 1969 година. Својата прва самостојна изложба ја имал во Гевгелија, во тогашната зграда на Противпожарниот дом, на Денот на ослободувањето на Гевгелија, 7 Ноември. Во изминатото над 70-годишно ликовно творење има одржано бројни изложби во земјата и во странство, во повеќе екс-југословенски и европски градови.
Во својата 90. година се уште твори и учествува на бројни ликовни и културни манифестации. Учествувал во работата на Меѓународната ликовна колонија во Дојран и на Меѓународната ликовна колонија „Аполонија“ во Гевгелија. Добитник е на највисокото општинско признание – Седмоноемвриската награда на Општина Гевгелија за сликарство во 1971 година и Седмоноемвриската награда за животно дело во 2004 година. Во 2023 година Општина Гевгелија му додели Благодарница на Борис Петров за големиот придонес за афирмација на Гевгелија и за неговото животно дело на ликовен и педагошки план. Исто така, добитник е на наградата „Димитар Пандилов“ на ДЛУМ во 1985 година и на наградата „Вангел Коџоман“, на изложбата Мал формат КИЦ во 1997 година.

