Општина Гевгелија, во пресрет на креирањето на Предлог-Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година и во рамки на јавната расправа по Нацрт-Буџетот за 2026 година, која започна по неговото усвојување од страна на Советот на Општина Гевгелија на својата 4. седница, организира граѓански форум, кој ќе се одржи на 17 декември 2025 година, во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 18:00 часот.
Форумот има за цел директно вклучување на граѓаните во процесот на утврдување на приоритетите и потребите за локалниот буџет. По тој повод, Општина Гевгелија ги поканува сите граѓани од градот и населените места да земат учество, да ги искажат своите идеи, предлози и потреби и да придонесат кон креирањето на ефикасен и транспарентен локален буџет.
Покрај директното учество преку граѓанскиот форум, Општина Гевгелија изработи и веб-платформа за граѓанско учество, преку која граѓаните можат по електронски пат да достават свои идеи, предлози и потреби.
Граѓаните можат да го искажат своето мислење со пополнување електронски анкетен прашалник кој содржи основни податоци за учесникот (пол, возраст и населено место), како и доставување предлози по области во надлежност на Општина Гевгелија, како што се: комунална и патна инфраструктура, улично осветлување, животна средина, образование, култура, спорт, млади и други области од јавен интерес.
На овој начин, Општина Гевгелија обезбедува транспарентен, инклузивен и отворен процес на креирање на буџетот, во кој гласот на граѓаните има значајна улога.
Линк до платформата: Граѓански предлози за Буџетот на Општина Гевгелија за 2026


