По успешно реализираните предфестивалски концерти посветени на најмладите- децата од основните училишта и градинките во општина Гевгелија, Фестивалот на детска песна „Калинка 2025“ продолжува со својата главна програма. Во периодот од 6 до 8 јуни 2025 година, во свечена атмосфера и пред пошироката јавност, ќе се одржат три гала концерти во Народниот театар – Гевгелија, со почеток во 20:00 часот.
Овие фестивалски вечери се кулминација на годинешното издание, на кои ќе бидат изведени новите 18 детски песни, збогатени со настапите на хорот и бендот при „Калинка“, Танцовото студио „Мистик“- Гевгелија и Градскиот детски хор „Божилак“- Гевгелија, како и со настапи на специјални гости од Република Турција и Република Бугарија. Сценската изведба, сценографијата и целокупната продукција се подготвени на високо ниво, со цел да се овозможи незаборавно искуство за сите посетители.
Особено значаен ќе биде гала концертот на 7 јуни, кој ќе биде професионално снимен од страна на Македонската радио телевизија (МРТ). Овој запис ќе овозможи фестивалот да допре до пошироката македонска публика преку телевизиско емитување, а воедно ќе остане и како трајна видео-документација за еден од поголемите настани кои се дел од годинешната манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, афирмирајќи ја културната сцена во Гевгелија во национален контекст.

