Општина Гевгелија денеска и во наредните два дена е домаќин на Државниот куп „Благоја Георгиевски Буштур“ за 2025 година. Со одржување прес-конференција во Конгресниот центар на хотел „Аполонија“- Гевгелија, на којашто учествуваа претставници на КФМ и на гевгелискиот Кошаркарски клуб „Кожуф“, беше најавен распоредот и очекувањата за претстојните натпревари. На овој Куп, силите ќе си ги одмерат дванаесет екипи, од коишто четири се екипи во женска конкуренција.
Претседателот на Кошаркарскиот клуб „Кожув“- Гевгелија, Александар Димитровски, им посака на сите учесници успешни игри во Гевгелија со една цел, да го освојат трофејот наменет за најдобриот во ова најмасовно клупско натпреварување.
– Ние, со поддршка на Општина Гевгелија и Градоначалникот Андон Сарамандов, ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини, но во исто време, и ќе пробаме да го оствариме најголемиот успех од постоењето на Кошаркарскиот клуб „Кожув“- рече Димитровски.
Пред јавноста се обрати и тренерот на гевгеличани, Апостоли Апостолов. Тој посочи дека „Кожув“е горд што има голем дел домашни играчи од својот град и ја повика публиката да го поддржи тимот против Куманово:
– Голема благодарност што Купот е во нашиот град Гевгелија. По долги години, Кожув има осум играчи од градот и домашен тренер, а тоа е мотив плус за нас како клуб. Сакам да ја повикам нашата публика и шестиот играч „Фантоми“, бидејќи оваа сезона ја заслуживме поддршката. По една година, се враќаме каде што Кожув припаѓа, меѓу најдобрите во мак-кошарката и на завршницата во Купот. Мотивирани сме и ќе дадеме сè од себе за нашиот тим и град- изјави Апостолов.
Освен тренерот, на прес-конференцијата се обрати и капитенот на тимот Илија Колев, кој истана:
– Играме против Куманово, наше е да дадеме максимум. Сакам да ја повикам публиката да дојде во што поголем број, а исто така и навивачката група „Фантоми“ да нè поддржи на мечот.
Четвртфиналните натпревари започнуваат денеска (13 февруари), во спортската сала „26 Април“. Први на паркетот, во 13:00 часот, ќе истрчаат екипите на ТФТ Скопје и Гостивар. Во 15:30 часот започнува дуелот помеѓу екипите на Пелистер и Чаир, а во вечерните термини, најнапред во 18:00 часот домаќинот Кожув се среќава со екипата на Куманово, додека за 20:30 часот е закажан дуелот на двете најтрофејни екипи, МЗТ Скопје и Работнички. Полуфиналните натпревари се играат во петок во термините од 18:00 и 20:30 часот, додека финалето на Купот е на програмата во сабота од 19:30 часот.
Во женска конкуренција, во полуфиналните натпревари се среќаваат Крива Паланка-ЖКК Вардар и Баскет Кам 2011- ЖКК Бадел 1862.

















