На 19 и 20 септември 2025 година, второто издание на Mултимедијалниот фестивал „АРТ УМ“ го претвори градот во сцена каде музиката, технологијата и визуелната уметност се испреплетеа во нов културен јазик. Организиран од Здружението „АРТ УМ 023“, Фестивалот е дел од програмата „Гевгелија град на култура 2025“, а неговото значење надминува рамки на еднократен настан- тој ја редефинира улогата на градот како културен центар.
Првиот ден се претвори во училница на отворено. На платото пред Домот на култура „Македонија“- Гевгелија, Vince Watson, светски познат британски продуцент и диџеј, ја претвори сцената во лабораторија за звук. Младите уметници и љубители на продукција имаа ретка можност да слушнат и да видат како се гради креативен процес одвнатре. Овој сегмент беше повеќе од работилница- тој ја симболизираше намерата на програмата „Гевгелија град на култура“: да им се даде простор на младите да учат и да создаваат.
Следеше презентацијата на Ристо Раданлиев- Risto Inovates, кој донесе сопствена линија модуларни уреди. Неговата демонстрација беше доказ дека културниот развој не значи само изведби, туку и вклучување на технологијата и експериментот во локалната сцена. Со тоа Гевгелија ја покажа својата амбиција да биде град што ја поддржува новата генерација музички иноватори.
Во галеријата на Театарот, Иван Кал’чев ја отвори својата изложба, со која ја претстави моќта на визуелниот јазик. Неговите кадри не ја следат логиката на класичната уметничка фоторафија, туку бараат од гледачот да се задржи, да набљудува и да пронајде значење зад тишината на моментот. Првата вечер заврши во кафе-бар „У“, со диџеј сетови на Томи Бојаџи и Самоил Радински. Настапите беа продолжение на енергијата и симбол на тоа како фестивалот ја носи уметноста во секојдневниот живот на градот- од институции до клубска сцена.
Вториот ден донесе ритам во „Динќут“, рекреативниот парк кој со години служи за спорт и одмор, но овој пат беше реинтерпретиран како културна сцена. Настапите започнаа со локалните диџеи од „АРТ УМ“, кои ја потврдија тезата дека Гевгелија не е само публика, туку и извор на музичка продукција. Најголемата енергија ја донесоа Herzel и Виктор Апостолски, домашни диџеи со веќе изградена репутација. Тие ја подигнаа атмосферата и покажаа дека Фестивалот не е само гостување на странски имиња, туку и сцена на која домашните артисти можат рамноправно да настапуваат.
Кулминацијата повторно ѝ припаѓаше на Vince Watson, кој овој пат настапи не како ментор, туку како артист во полн замав. Со својот сет ја заокружи музичката програма, создавајќи впечаток дека Гевгелија може да биде рамноправна сцена со било кој европски град. Истовремено, Ице Капсаров со својата светлосна инсталација го трансформираше просторот на „Динќут“. Наместо класична сценографија, публиката беше опкружена со светло и сенки што се движеа заедно со музиката. Инсталацијата покажа дека мултимедијалниот пристап е суштината на „АРТ УМ“ и дека Гевгелија е отворена за нови, неконвенционални форми на уметност.
Фестивалот не беше само викенд програма – тој покажа како изгледа град што сериозно ја сфаќа титулата „град на култура“. Настанот ја активираше младата публика, ја истакна локалната уметничка сцена и го постави Гевгелија на картата како место каде можат да се случуваат современи културни експерименти. За два дена, Гевгелија беше отворена сцена, каде што светски и локални уметници создадоа искуство кое ќе има долгорочен одек.













































