Празнична магија и ведар дух го одбележаа првиот ден од повеќедневната програма за Новогодишниот базар, којшто се одржува на Градскиот плоштад, во организација на Општина Гевгелија.
Низ објективот на фотографиите се доловува топлата атмосфера исполнета со насмевки, радост и креативност, кои го најавија доаѓањето на новогодишните празници.
Во програмата активно учество зедоа учениците и наставниците од ООУ „Владо Кантарџиев“ и ООУ „Крсте Мисирков“, како и средношколците од СОУ „Јосиф Јосифовски“, кои преку свои изложени ракотворби ја збогатија празничната понуда.
Посебна емоција и силна порака за инклузивност, силидарност и заедништво донесоа Центарот за лица со попреченост „Мајка Тереза“ и Здружението на лица со телесна попреченост „Мобилност“, кои со своето присуство и активности покажаа дека празниците се за сите.
Настанот беше дополнително разубавен со енергичните и впечатливи настапи на Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија, кои со своите кореографии внесоа динамика и ја дополнија празничната еуфорија на плоштадот.
Се повикуваат граѓаните да го посетат Новогодишниот базар и во наредните денови да ја следат и поддржат богатата програма исполнета со празнични настани, настапи и изненадувања за сите генерации.
























































