Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 13 ноември, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, се одржа целовечерниот концерт „Ансамбл Македонија со вас“ на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“. Настанот понуди богата сценско-музичка програма во која се преплетеа глума, пеење, инструментална музика и танцови изведби, создавајќи живописни прикази од традиционалниот и градскиот македонски живот. Публиката со воодушевување ја следеше секоја точка и често го наградуваше Aнсамблот со долги аплаузи.
Настанот предизвика голем интерес кај публиката, која ја исполни салата и со овации ги дочека изведувачите. Ансамблот „Македонија“ ја поведе гевгелиската публика на музичко-танцово патување низ звуците на чалгијата и градската традиција, прикажувајќи ги најубавите игри и песни од: Тетово, Битола, Велес, Скопје, Струга и Охрид.
Во текот на концертот, публиката имаше можност да ужива во вокалната изведба на „Мори Јаглико“ од град Тетово, следеше женското оро „Адана“ од истиот град, како и „Јени Јол“, исто така женско оро од Тетово. Од град Велес, Ансамблот ја претстави оркестарската изведба „Невестинско венчално“, додека публиката од Тетово ја слушна и вокалната „Пред куќата имат“. Од Скопје следуваше вокалната точка „Ќе ти купам широк фустан“, а од Битола- женското оро „Пештреф“. Женското оро „Кавала“ од Крушево, вокалната „Шеќерино малој моме“ од Тетово, машкото оро „Чамче“ од Охрид, вокалната „На Струга дуќан да имам“ од Струга и вокалната „Голема риџа ти чинам“ од Охрид ја збогатија сценската програма, создавајќи разновиден и автентичен приказ на македонската музичко-играорна традиција.
Особено впечатлив беше богатството на автентични народни носии, внимателно селектирани од различни етнографски предели. Богатиот костимографски фонд на Ансамблот, проследен со специфични социјални реквизити, ја збогати сценската слика и ѝ овозможи на публиката да го почувствува духот, естетиката и разновидноста на традиционалниот начин на живеење.
Во рамки на овој визуелен сегмент, силен впечаток остави сценската претстава на историската модна еволуција – од „ала Турка“, со своите ориентални влијанија од крајот на XIX и почетокот на XX век, до „ала Франга“, западноевропскиот градски стил што го одразува подемот на модерниот македонски град. Преку внимателно избраните носии и нивната сценска интерпретација, Ансамблот успеа да ја долови трансформацијата на стилот, вкусот и културните влијанија што ја обликуваат македонската урбана традиција.
Репертоарот на Ансамблот ги опфати играорните подрачја од сите делови на државата- Западно, Југозападно, Јужно, Источно и Северно- со високо професионална обработка на карактеристичните орски чекори, ритми и музички стилови. Публиката имаше можност да ужива во извонредни интерпретации на традиционална инструментална и вокална музика, изведена од професионалци и студенти од Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев- Штип, при што функционира Ансамблот „Македонија“. Под менторство на врвни стручњаци, достоинствено го носи епитетот на единствен и автентичен репрезент на традиционалната култура во земјата.
Со својата енергична сценска изведба, Ансамблот „Македонија“ го потврди значењето на традицијата како жив израз на македонската културна духовност, оставајќи силен уметнички впечаток и потсетувајќи дека музичко-играорниот дух на народот продолжува да живее со истата сила.
Настанот беше организиран од ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Етнокореолошкиот оддел, со помош од м-р Силвестер Проле, и со поддршка од Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам.
































