Во Гевгелија, започна изградбата на нов парк со детска зона. Новиот јавен простор се гради во непосредна близина на станбениот комплекс крај булевар „Гевгелија“ и крстосницата со улица „Деко Ковачев“. Проектот за цел да обезбеди функционален, безбеден и модерен простор за игра на децата, рекреација и одмор за сите граѓани, како и да го збогати зеленилото во градот. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во отпочнатите градежни работи.
Изградбата на паркот, која се очекува да биде завршена до почетокот на пролетта, опфаќа: детско катче со реквизити за игра и забавни активности за најмладите, нови пешачки патеки од павер елементи за безбедно и лесно движење, урбана опрема за одмор и рекреација- вклучувајќи клупи, држачи за велосипеди и други елементи за удобност на посетителите, модерно осветлување за создавање безбедна и пријатна атмосфера во вечерните часови и хортикултурно уредување со систем за наводнување за одржување на зеленилото и подобрување на естетскиот изглед на просторот.
Покрај постоечките дрвја, во паркот ќе бидат засадени и нови садници, со што се овозможува создавање на уште еден уреден и зелен јавен простор кој директно придонесува за подобрување на животната средина и квалитетот на живот во општината. Со изградбата на овој парк, Гевгелија добива уште еден современ, функционален и зелен јавен простор.
– Како градоначалник, водејќи се од секојдневните потреби на денешното живеење, а притоа детектирајќи го недостигот на модерно уредени зелени површини и содржини за деца, континуирано работиме на создавање нови паркови и јавни простори кои ќе бидат функционални, безбедни и во функција на граѓаните- истакна Сарамандов.




































