Новата театарска претстава „Ванчо“, во изведба на ЗГ „Дон Кихот 95“- Гевгелија, предизвика голем интерес кај публиката. Два дена, на 20 и 21 февруари 2025 година, салата во Народниот театар- Гевгелија беше преполна, а двочасовната игра на ансамблот ја остави публиката да не биде имуна на смеење на глас. Затоа, на крајот од претставата, актерите заедно со режисерот ги добија најголемите признанија- долготраен аплауз и позитивни коментари за поставката на оваа комедија работена по филмското сценарио од Џим Мулхоланд и Мајк Бари. По премиерата и втората изведба, гевгелиската публика очекува и трета изведба во Народниот театар- Гевгелија.
Во претставата учествуваат: Силвестер Проле, Светлана Стојковиќ, Каме Ќаев, Зоран Кундурџиев, Томе Шуклев, Влатко Сапламаев, Петар Јанчев, Ангелина Шуклева, Весна Делева, Мартин Костадинов, Катерина Ичева, Весна Папучиева и Лазе Николов. Режијата е на Катица Џишева Дупарова, а сценографијата е изработена од Александар Јанев.
Театарската претстава „Ванчо“ на Здружението на граѓани „Дон Кихот 95“- Гевгелија е поддржана од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата.

















