Гевгелија е град на културата за 2025 година. Оваа одлука ја потврди министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при работната посета во Гевгелија. По тој повод, беше одржана прес-конференција, на којашто заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го изразија задоволството што Гевгелија по вторпат го добива признанието и што по 11 години повторно ќе биде во центарот на културните настани за 2025 година.
– Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам ја поддржува оваа манифестација со цел да создадеме програма во текот на целата година, програма што ќе го освежи културниот живот во овој град. Гевгелија со својата локација и природни убавини привлекува бројни туристи. Сега, со статусот Град на културата, ќе понуди нови искуства, можности за уживање и дополнителни содржини за развој на туризмот- рече министерот Љутков, упатувајќи честитки до градоначалникот Сарамандов и целиот тим што ја подготви апликацијата за Јавниот конкурс и за нивната посветеност и работа.
– Манифестацијата „Град на култура“ е момент да се обединиме околу идејата за културен напредок и иновација, да создадеме нова средина во којашто културата нема само да се слави, туку и живее, а уметноста ќе биде интегрална компомента во нашиот секојдневен живот. Имаме уникатна можност да ги инспирираме младите, да ги инспирираме уметниците и да го промовираме нашето културно наследство- потенцираше Љутков.
Градоначалникот Сарамандов изрази благодарност до министерот Љутков и Министерството за култура и туризам за дадената доверба- Гевгелија да биде град на културата за 2025 година.
– Особена чест и задоволство ми е што на оваа прес-конференција се потврдува одлуката на Министерството за култура и туризам. Истовремено, ова признание претставува и обврска за проширување на културната сцена, создавање нови можности за културните работници, како и збогатување на културната понуда на градот Гевгелија. Општина Гевгелија во соработка со културните институции на локално и државно ниво, во соработка со уметници, професори и наши сограѓани, изготвивме и аплициравме со квалитетна и богата предлог-програма со 142 културни настани од различни области. Како Локалната самоуправа изминатите три години бевме успешни во делот на организирање и промоција на многубројни културни настани во нашиот град. Општина Гевгелија дава целосна логистичка и финансиска поддршка на традиционалните културни настани, на културните друштва и уметници кои се репрезенти на Гевгелија. На тој начин создаваме можности за младите времето да го поминуваат во негување на талент за музика, драма, фолклор, литература и ликовна уметност. Гевгелија отсекогаш била синоним за култура, идеи и уметност. Нашата заложба е Гевгелија да биде уште поатрактивна дестинација за културните работници од Република Македонија и пошироко- истакна Сарамандов.
Од Министерството за култура и туризам, на Општина Гевгелија за реализација на Проект од национален интерес, манифестација „Град на култура за 2025 година“ ѝ се одобрени 3.000.000 денари. Додека, Општина Гевгелија од сопствениот буџет ќе одвои 13.000.000 денари. Со вкупниот буџет од 16.000.000 денари е предвидено да се реализираат 142 настана од областа на литературата, творештвото, ликовната, драмската, филмската и музичката уметност и фолклорот во текот на 2025 година, а во соработка со национални и локални културни институции, здруженија на граѓани и самостојни уметници.