На 22 јули 2025 година, платото пред Народниот театар во Гевгелија се претвори во сцена на фантазија, смеа и искрена детска радост. Голем број дечиња заедно со своите родители беа дел од театарската претстава „Во царството на другарството“, изведена од Театар „Хит“- Скопје, во рамки на манифестацијата „Гевгелија- град на културата за 2025 година“.
Претставата, која спојува елементи на сказни, хумор и поука, понуди едно поинакво доживување од секојдневната сцена. Преку живописни дијалози, песна, движење и директна комуникација со публиката, актерите ги поведоа децата во имагинарен свет- царството на другарството. Во овој свет, добрината, разбирањето и пријателството се најголемото богатство, а заедништвото е единствениот пат до вистински среќен живот.
Актерската тројка- Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и Ема Давчева со одлична динамика, ведрина и искрен пристап, целосно го држеа вниманието на најмладата публика. Децата активно се вклучуваа во приказната, следеа со воодушевување, реагираа со смеа и спонтани аплаузи. Режијата и сценариото, дело на Сашо Ристовски, претставуваат успешен спој на поучна содржина и забавна форма, прилагодена токму за детската публика.
Покрај културно-забавната вредност, претставата испрати силна и хумана порака- дека светот може да биде подобро место ако се однесуваме со почит едни кон други, ако сме другари и ако знаеме да слушаме, споделуваме и простуваме.
Настанот беше организиран од ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, којшто и годинава останува доследен на својата мисија- културата да биде достапна, инклузивна и содржински богата за сите граѓани, особено за најмладите.




