Во посета на Гевгелија беше заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, извршија увид во завршните активности за внатрешно уредување и опремување на новодоградениот објект на ЈОУ Детска градинка „Сончогледи“ во Гевгелија.
По изградбата на објектот, фокусот беше ставен на внатрешното уредување на просториите и занималните, како и на нивно целосно опремување со современ и сертифициран инвентар, согласно највисоките стандарди за згрижување и воспитување на деца. Покрај внатрешното уредување, во дворот на Градинката се гради и модерно детско катче, со цел создавање безбедна и стимулативна средина за игра и развој.
Доградениот објект ќе обезбеди сместување за 135 деца од предучилишна возраст и ќе ги задоволи потребите на семејствата во општината за достапна, квалитетна и современа грижа.
– Во изминатите две години, во Гевгелија се реализираше значителен капитален проект од особено значење за граѓаните- доградба на Детската градинка „Сончогледи“. Со реализацијата на проектот, Гевгелија доби нов модерен објект кој во иднина ќе прими 135 дечиња. Овој инвестициски зафат се реализираше врз основа на добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и локалната самоуправа. По склучувањето договор, обврска на Министерството беше изградбата на објекот, а на Општина Гевгелија внатрешното уредување и опремување, како и надворешното уредување. Во моментот се изведуваат градежни активности за адаптација на просториите и занималните, како и нивно целосно опремување со сертифициран инвентар, согласно највисоките стандарди за успешно згрижување на 135 дечиња. По завршувањето на сите овие активности и изборниот процес, градинката ќе биде пуштена во употреба и ќе ги отвори вратите на најмалите, обезбедувајќи современи услови за нивна грижа и развој- истакна градоначалникот Сарамандов во својата изјава за медиумите.
– Овој објект веќе прерасна во прекрасно издание. За кратко време очекуваме сите дечиња кои се на листата на чекање да бидат примени токму во овие простории. Изразувам голема благодарност до градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и директорката на Градинката, Митра Митревска, кои макотрпно работеа овој проект после неколку години да биде комплетиран. Продолжуваме со она што значи системско решавање на потребите во делот на детската заштита со израдба на вакви објекти токму во оние средини каде што се најпотребни- истакна заменик-министерот Велковски.






































