Заврши реконструкцијата на подот во спортската сала на ООУ „Владо Кантарџиев“-Гевгелија, со што се овозможени подобри услови за реализација на наставата по предметот Спорт и спортски активности и организирање различни спортски содржини. Старото, дотраено дрвено подно решение е целосно отстрането, а на негово место е направена нова бетонска подлога за порамнување. Врз неа е поставена современа хомогена ПВЦ подлога, изработена според најновите стандарди за безбедност, квалитет и издржливост.
– Оваа реконструкција значително ќе ги подобри условите за изведување на наставата по физичко образование, спортски активности и воннаставни програми. Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, како дел од континуираното вложување во унапредување на образовната инфраструктура. Нашите ученици заслужуваат современи и безбедни услови за учење, а ние остануваме посветени на таа цел- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по целосното завршување на зафатот за подобрување на спортската инфраструктура во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија.













