Со Концертот „Гевгелиски музички таленти“ завршуваат утрешните настани (25 септември 2025 година) за манифестацијата „Гевгелија град на култура“. Концертот ќе се одржи во хотел „Аполонија“, со почеток во 20:30 часот и е во организација на ЗГ „ Музички моменти“- Гевгелија, коешто годинава одбележува 25 години јубилеј од музичката дејност. На Концертот ќе настапат талентирани млади уметници, поранешни ученици во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија кои своето музичко образование го продолжиле во средни музички училишта, како и на високообразовни музички институции во државата. Публиката ќе има можност да ужива во богата програма составена од класични дела од реномирани композитори.
Викторија Каракабакова, ученичка во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, во класата на професор Маја Зафирова и во ДМБУЦ- Скопје, во класата на професор Елена Туфекџиевска, на виолина ќе ги изведе делата „Сарабанда“ од Јохан Себастијан Бах и „Пициката полка“ од Лео Делиб.
Сања Миленковиќ од Гевгелија, ученичка во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, во класата на професор Љубица Улишева, а моментално студентка на Факултетот за музичка уметност- Скопје, во класата на професор Ана Гацева, на пијано ќе настапи со „Прелудиум во d-moll“ од Сергеј Рахмањинов и „Етида опус 25 број 5“ од Фредерик Шопен.
Емилија Николoвска од Гевгелија, ученичка во класата на професор Марија Спасовска при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија и студентка на Факултетот за музичка уметност- Скопје, кај професор Олег Кондратенко, ќе го изведе на виолина првиот став од Концертот за виолина од Феликс Менделсон.
Љубица Улиш од Гевгелија, поранешна ученичка на ООМУ „Васо Карајанов“, а сега студентка на Факултетот за музичка уметност- Скопје, во класата на професор Марија Вршкова, ќе настапи на пијано со првиот став од „Соната“ на Муцио Клементи.
Софија Јакимова од Богданци, ученичка во класата на професор Марија Спасовска при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, а сега студентка на Факултетот за музичка уметност- Штип, во класата на професор Михајло Куфојанакис, на виолина ќе ја изведе „Елегија“ од Д. Џаконовски- Шпато.
Мими Дучева од Гевгелија, дипломец на ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија во класата на професор Љубица Улишева, а сега студентка на магистерски студии на Факултетот за музичка уметност- Скопје, во класата на професор Кристијан Каровски, ќе настапи на пијано со три дела: „Ноктурно опус 9 број 1“ од Фредерик Шопен, „Думка опус 59“ од Петар Илич Чајковски и „Етида- слика опус 39 број 5“ од Сергеј Рахмањинов.
Овој концерт претставува исклучителна можност за јавноста да се запознае со музичките достигнувања на овие млади уметници, кои со својата посветеност, труд и уметничка зрелост се истакнуваат не само во локални, туку и на државни и меѓународни сцени.
Настанот се реализира со поддршка на Општина Гевгелија, во рамки на Програмата за културни активности за 2025 година, како и носител на манифестацијата „Град на култура за 2025 год.“.


