Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 26 октомври (недела), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, ќе се одржи пијанистички Концерт на познатиот македонски пијанист Глигор Гелебешев.
Публиката ќе има можност да ужива во програма составена од дела на Александар Скрјабин и Сергеј Рахмањинов, меѓу кои „Соната бр. 3 oп. 23“, „Ноктурно оп. 9 бр. 2“, неколку Прелудиуми и Музички моменти, кои се врвни дела на пијанистичкиот репертоар од доцниот романтизам. Настанот се реализира во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Општина Гевгелија.
Глигор Гелебешев, роден во Гевгелија во 1969 година, е пијанист со изграден индивидуален израз и долга сценска и педагошка кариера. Дипломирал на Академијата за уметности во Нови Сад, а магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Се усовршувал кај познати пијанисти и педагози, меѓу кои: Евгениј Тимкин, Икуко Ендо, Арбо Валдма, Владимир Крапан и Јокут Михајловиќ. Покрај солистичката кариера, Гелебешев активно настапува и како камерен музичар, во пијано-дуо со својата сопруга Катарина Гелебешева-Костадиновска, со која има реализирано бројни концерти, фестивалски настапи и снимки за Македонската радио-телевизија.
Во последните години, Гелебешев го проширува својот уметнички израз со авторски проекти и сопствени дискографски изданија, посветени на музиката на Шопен и Рахмањинов. Неговите настапи се одликуваат со рафинирана интерпретација, изразита музикалност и впечатлива пијанистичка дисциплина, со што се вбројува меѓу врвните изведувачи на современата македонска пијанистичка сцена.
