Во рамки на програмата „Гевгелија град на култура зa 2025“, на 27 и 28 септември 2025 година, во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, ќе се одржи Street dance Фестивал, во организација на Танцовото студио „Мистик“- Гевгелија. Настанот има за цел да ја афирмира уличната култура и танцот како форма на креативен израз, вклучување на младите и културна размена.
Во сабота, 27 септември, програмата започнува во 12:00 часот, со хип-хоп семинар под менторство на Ања Јолакоска, наменет за учесници над 12 години. Ања Јолакоска е истакната македонска танчерка и кореографка, позната по својата работа на полето на урбаните танцови стилови и својата активна улога во развојот на младинската танцова сцена. Семинарот ќе трае до 13:30 часот, по што, од 13:30 до 14:30 часот, ќе се одржи панел-дискусија на тема „Youth Voices in Motion: Culture, Education, Sports – Gevgelija meet-up“. Овој разговор се реализира во соработка со European Youth Award (EYA), а модератор ќе биде Теодора Јолакоска. Дискусијата ќе опфати актуелни теми поврзани со младите, културата, образованието и спортот, со посебен фокус на локалниот контекст.
Во недела, 28 септември, од 12:00 до 13:30 часот ќе се одржи втор хип-хоп семинар со Ања Јолакоска, со истата концепциска насока и отвореност за сите заинтересирани над 12 години. Фестивалот ќе биде затворен со DJ сет на DJ TightBeats, кој ќе започне во 18:00 часот и е наменет за публика од сите возрасти. Настанот ќе понуди музичка програма на отворено и атмосфера на заедништво и уметничка слобода.
Сите активности се бесплатни и отворени за јавноста.
Проектот се реализира со поддршка од Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а партнери на настанот се JuMi и Boulevard Apartments.

