На 12 декември 2025 година, салата во хотел „Аполонија“ во Гевгелија се претвори во сцена за уште една значајна камерна музичка вечер. Триото „30 прсти“ го одржа својот концерт, кој е дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Настанот беше организиран од страна на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и привлече гости- љубители на класичната и современата камерна музика. Публиката имаше можност да доживее камерна музика која се издвојува по комплексност, емоционална длабочина и хармонична соработка помеѓу тријадата на пијанисти.
Марија Вршкова, Весна Ангелова-Христов и Петар Макариевски го презентираа својот репертоар за концертот: „Фантазија на виножитото“ од Манфред Шмиц, „Салса ритам“, „Мала рапсодија“ и „Пролетно расположение“ од Расим Рамазанов, „Haubrandts Lied“ од Арнолд Фриш, како и „Рапсодија на тема С. Рајх“ од Стив Рајх во аранжман на Дионисис Боуквалас.
Секое изведено дело покажа прецизност и чиста техничка изведба, што ја привлече целосната внимание на присутните. На крајот на концертот, настапот беше награден со долги овации, што го потврди високото ниво на изведбата и интересот на публиката за вакви камерни состави.
Концертот во Гевгелија беше не само можност да се слушне внимателно избран репертоар туку и да се согледа карактерот на триото како единствен состав кој постојано го надградува своето делување, комбинирајќи техничка прецизност со различни стилови и дела на македонски и странски композитори. Реакцијата на публиката, изразена преку долги овации, ја потврди успешноста на концертот и важноста на ваквите настани во рамките на културната програма на Гевгелија, како начин за промоција на македонската и светската камерна музика и можност за директен контакт со висококвалитетни музички изведби и со уникатни состави од национално значење.
Триото „30 прсти“ е формирано во 2015 година по иницијатива на Марија Вршкова и е првиот состав од ваков тип во Македонија. Во почетниот состав беа Вршкова, Е. Атанасовска и С. Пројковска, додека од 2022 година составот го чинат Вршкова, Макариевски и Ангелова- Христов, комбинација која се покажа како најсоодветна за нивниот репертоар. Во изминатите години, триото реализираше бројни концерти во Македонија, како и настапи во Австрија, Бугарија и Србија. Минатата година, составот забележа историски настап со изведба на дело за шестрачно пијано и камерен оркестар, што беше првпат во македонската пијанистичка традиција.
Секој од членовите на триото има впечатлива музичка биографија. Марија Вршкова дипломира со cum laude во класата на проф. Тодор Светиев и магистрира во иста класа, настапувајќи како солист и во камерни состави, а е и вонреден професор на ФМУ- Скопје. Весна Ангелова- Христов има долгогодишно искуство како соло и камерна пијанистка, долги години соработува со Македонската филхармонија и предава по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“. Петар Макариевски дипломира на ФМУ- Скопје и магистрира во Софија, активно настапува во повеќе камерни состави и е уметнички соработник на ФДУ- Скопје.









