Од 12 до 14 септември 2025 година, Гевгелија ќе биде домаќин на третото издание на Фестивалот „Вкуси го југот“ (Taste the south). Традиционална културно-забавна манифестација за промоција на Гевгелија, која не е само обичен тридневен музички хепенинг, туку претставува своевидна фузија на традицијата, културата и забавата и тоа во повеќе сегменти. Годинава, Фестивалот е дел од програмата за „Гевгелија град на култура“.
Под покровителство на Општина Гевгелија, и годинава најјужниот град во Македонија три дена ќе пулсира и живее во духот на она што југот го има како традиција во гастрономската понуда, на подготовка на домашни специјалитети подготвени по традиционални рецепти. Подготовката на најпознатиот македонски бренд- ајварот, правењето на надалеку познатото слатко од гевгелиски смокви, печењето и подготовката на автентичниот македонски алкохолен пијалок- мастика по оригинални домашни рецепти ќе бидат само дел од предвидените активности преку кои бројните посетители од земјата, но и множеството гости од странство ќе можат да го почувствуваат и да се насладуваат на автентичниот „вкус на југот“ на Македонија.
Сето ова ќе биде придружено со бројни штандови на познатите конзервни индустрии кои ќе ги понудат своите производи, а локалните ресторани и кафулињата ќе им го пружат традиционалното гостопримство и ќе ги услужат посетителите и гостите, кои и годинава се очекува во огромен број да бидат присутни на манифестацијата „Вкуси го југот“, која во три дена, на 12, 13 и 14 септември ќе се одржи на истата локација како и минатата година, кај Градскиот пазар во Гевгелија (ул. „Сава Михајлов).
Во нејзините содржини е предвидена и богата културно-уметничка и едукативна програма која ќе ја збогатат културно-уметнички друштва и фолк ансамбли и солисти, тука се Школата за тапани, Школата за гитара, Школата за танци, Фестивалот „Калинка“ и уште многу други, разновидни содржини за сите вкусови и возрасти. Секако, вечерните настапи и концерти на мноштвото млади и внимателно направен избор од најпознати македонски етно, поп и рок пејачки ѕвезди и бендови се најатрактивниот дел од програмата, во кои ќе кулминира забавата исполнета со содржини за сите генерации.
Програмата започнува на 12 септември со настапите на: КУД „Танец“ од Миравци, Емилија Николовска и Димитар Ангoв, ансамблот „Гевгелиски мелос“, групата „Љубојна“, бендот „Рanta Rei“ и пејачката Дани.
Сè на сè, Гевгелија во тие три дена ќе има што да се види, слушне и вкуси. Ќе биде градот во кој спојот на традицијата, културата и забавата ќе доминираат во Македонија. „Open your eyes, ears and mouth, welcome and… Taste the south“!






