Септемвриската програма за „Гевгелија град на култура 2025 година“ продолжува со гостувањето на Филхармонијата на РСМ. Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, утре- 18 август 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одржан концертот „Бајка“ под диригентската палка на Ана Кондратенко, која ќе се претстави и како солист на виолина. Концертот ќе започне во 20:00 часот, а влезот е слободен.Концертниот репертоар го сочинуваат: делата од В. Мартинов: „Come in!“ („Чукни и влези“), за виолинa и оркестар во 6 става(28–30 мин.) и Г. Канчели: „Letters to friend’s“ („Писма до пријателите“).Ана Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт- мајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.Со овој концерт, љубителите на класичната музика во Гевгелија ќе имаат ретка можност да уживаат во извонредното мајсторство на Ана Кондратенко и во виртуозното изведување на членови на Филхармонијата на РСМ. Со ова гостувањето, Гевгелија уште еднаш го потврдува својот статус како сцена што ги слави врвните уметници и ја доближува класичната музика до својата публика.


