Во населеното место Серменин, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во почетните градежни активности од проектот за реконструкција на старото училиште и изградба на нова еко вело патека во вкупна должина од 1.005 метри.
Старото училиште, кое со години беше запоставено, по завршувањето на проектот, ќе добие целосно нов лик. Како што истакна градоначалникот Сарамандов, објектот- обновен и внатрешно опремен, ќе биде ставен во функција како модерен простор за граѓаните, здруженијата и организациите. Очекувањата се тој да служи како место за културни, едукативни и туристички настани, со што ќе го збогати животот во Серменин. Вело патеката ќе започнува од старото школо и ќе се протега до манастирот „Св. Илија“, овозможувајќи нови можности за рекреација и развој на туризмот.
– Тоа е пример како преку обновување на минатото создаваме светла иднина за нашата заедница- нагласи Сарамандов.
Овој проект е резултат на соработката помеѓу Општина Гевгелија со Општина Разлог во рамки на Програмата „INTERREG IPA 2021-2027“.
















