На сцената на Народниот театар во Гевгелија, на 17 октомври 2025 година, се одржа премиерата на куклената претстава „Пријателите од шумичката Еколо“ што ја подготвија учениците- членови на Драмската секција при ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Под менторство на професорките по македонски јазик и литература- Елизабета Инадеска-Ефремова, Зорица Митреска и Вили Караколева, младите актери ја оживеаја приказната „Стапица за дрварот“ од авторот Велко Неделковски, претворајќи ја во топла, разиграна и поучна претстава за најмладата публика.
Дечињата од ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, со големо воодушевување ги следеа своите поголеми другарчиња на сцената, уживајќи во нивната игра, песна и шарените кукли. Преку забавна и едукативна форма, учениците ја пренесоа пораката за значењето на пријателството, солидарноста, љубовта кон природата и потребата од грижа за шумите- теми кои се особено важни за развој на еколошката и општествената свест уште од најрана возраст.
Живописната сценографија, дело на професорката по ликовна уметност- Адриана Манчева, создаде вистински шумски амбиент, полн со бои и детали, а музиката на професорот Крсте Делев ја збогати атмосферата, внесувајќи дополнителна радост и динамика во изведбата.
Оваа креативна поставка претставува дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, чија цел е да ги обедини образовните институции, културните установи и младите во создавање и промовирање нови културни вредности.
Значењето на настанот се огледува во поттикнувањето на детската креативност и љубовта кон театарот, како и во градењето на еколошка и општествена свест уште од најрана возраст. Преку активното учество на учениците и поддршката на наставниците, младите стануваат вистински носители на културата и идни амбасадори на уметноста во Гевгелија.
Претставата „Пријателите од шумичката Еколо“ претставува убав спој на образование, уметност и општествена одговорност, и уште еднаш го потврдува духот на Гевгелија како град кој расте со своите најмлади- преку култура, пријателство и љубов кон природата.










