Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 30 октомври (четврток), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“ во Гевгелија, ќе се одржи промоција на книгата „Поменик со личните имиња на населението од Смоквица“, автор м-р Киро Ристов. Настанот е во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, со поддршка од Општина Гевгелија. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Илија Велев, познат истражувач, автор и универзитетски професор, кој со своето научно и книжевно дело дава значаен придонес во афирмацијата на македонското културно и духовно наследство. Настанот ќе биде збогатен со музички настап на Теодора Гошева – Теда, која со својот интерпретативен израз ќе даде уметничка нота на оваа промотивна вечер посветена на културното и историското наследство на Смоквица.
Книгата претставува фототипско претставување на две книги, во кои се запишани сите починати членови поединечно на сите семејства од селото Смоквица до 1932 година, со неколку воведни излагања за самата населба. Првата книга потекнува од 1893 година и е напишана со грчко писмо, но со македонски изговор, додека втората книга, од 1915 година, претставува надополнета транскрипција на првата, запишана на народен македонски јазик со употреба на старословенски букви. Овие записи имаат голема историска, културна и духовна вредност, бидејќи не само што го претставуваат духовното наследство на Смоквица и гевгелискиот крај, туку и го одразуваат историскиот контекст, културните врски, традицијата, обичаите и религиските особености на населбата.
Во „Поменикот“ се издвојуваат 193 лични имиња, од кои 103 се женски, а 90 машки. Според половата структура, овие имиња ги носат 1.191 машки и 773 женски лица, односно вкупно 1.964 лица кои потекнуваат од 82 семејства запишани во првата, и 77 семејства во втората книга. Имињата што се забележани во „Поменикот“, како и оние спомнати во уште постари извори, меѓу кои и османлискиот попис од 1570 година, најмногу го одразуваат христијанскиот карактер на населението. Најчести се имиња спомнати во Новиот завет, додека многу мал процент се имиња со историска, митолошка, етничка или географска основа.
Од анализата на презимињата може да се забележи занимавањето и социјалната структура на жителите, при што голем дел од нив се добиени од турскиот јазик, а во помал број од грчкиот и македонскиот, и се зачувани до денешен ден.
Киро Ристов (1957) е археолог, истражувач и културолог од Гевгелија, кој целата своја кариера ја посветил на проучување и заштита на културното наследство. Основно и средно образование завршил во Гевгелија, а Археологија дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1982 година. Работел во повеќе институции – РО „Хемтекс“, Радио Гевгелија, Народен музеј во Гевгелија и Музеј на град Скопје, каде бил и директор (1989 – 1993).
Од 2004 година е магистер по археологија. Реализирал и учествувал во повеќе од седумдесет археолошки проекти и истражувања низ Македонија, особено во Гевгелискиот и Валандовскиот Регион. Бил ангажиран на бројни проекти како стручeн консултант и раководител на истражувања, меѓу кои и на локалитетите Тауерсиум, Скопска тврдина Кале, Антички градови на Вардар, Маркови Кули, Варвара и други.
Автор е на седум монографски изданија и над триесет научни и стручни трудови објавени во земјата и странство. Неговите најпознати дела се: „Утврдени пеонски населби до Долно Повардарје“, „Таор“, „Железното време во римскиот период“, „Варвара“ и „Смоквица- населба, население, генеалогија“.
Ристов активно учествува на научни собири и симпозиуми, промовирајќи го културното наследство на Република Македонија. За својот придонес во археологијата и културата е добитник на повеќе признанија и благодарници.




