Глигор Гелебешев се претстави во родната Гевгелија со солистички концерт на пијано, гостувајќи во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Концертот се одржа на 26 октомври 2025 година, во хотел „Аполонија“, пред своја публика која со внимание и восхит го следеше настапот на познатиот македонски пијанист. Вечерта на домашен терен помина во знакот на класичната музика, со внимателно избрана програма составена од дела на Александар Скрјабин и Сергеј Рахмањинов- двајца мајстори на доцниот романтизам, чија музика бара врвна интерпретаторска зрелост и пијанистичка суптилност.
Во програмата беа вклучени дела како „Соната бр. 3, оп. 23“, „Ноктурно оп. 9 бр. 2“, избор од Прелудиуми и „Музички моменти“, преку кои Гелебешев ја долови и лирската чувствителност и драматичната длабочина на двајцата композитори. Со својата рафинирана техника, суптилна динамика и богата емоционална изразност, Гелебешев приреди фантастичен концерт, а пијаното под неговите прсти звучеше како да раскажува приказна. Публиката возврати со повеќекратни овации, а дел од присутните не ја сокрија емоцијата и гордоста што токму нивниот сограѓанин ја претставува македонската пијанистичка уметност на толку високо ниво.
Глигор Гелебешев е роден во Гевгелија во 1969 година. Дипломирал на Академијата за уметности во Нови Сад, а магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Се усовршувал кај познати пијанисти и педагози, меѓу кои Евгениј Тимкин, Икуко Ендо, Арбо Валдма, Владимир Крапан и Јокут Михајловиќ. Покрај солистичките настапи, активно работи како камерен музичар, најчесто во пијано-дуо со својата сопруга Катарина Гелебешева- Костадиновска, со која има реализирано бројни концерти и снимки за Македонската радио-телевизија.
Во последните години, Гелебешев се посветува и на авторски проекти и дискографски изданија, во кои ја истражува музиката на Шопен и Рахмањинов, носејќи современ пристап и лична емоционална димензија во своите интерпретации.
Концертот беше дел од серијата настани што ја одбележуваат програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со која градот уште еднаш покажа дека ги почитува своите уметници кои се препознаени и на државно и на светско ниво- тоа е вистинското значење на титулата „град на културата“.











