Во рамките на годишната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и по повод јубилејните 30 години балетско образование во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, како и 150 години од создавањето на еден од најзначајните балети во историјата на класичната музика- „Лебедово Езеро“ од П. И. Чајковски, ќе се одржи свечен балетски концерт под наслов „Балетски фрагменти од „Лебедово Езеро““.
Настанот е закажан за 4 декември 2025 година (четврток), со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија.
Публиката ќе има можност да ужива во избор на најрепрезентативни сцени и кореографски фрагменти од „Лебедово Езеро“, во интерпретација на талентираните ученици под менторство на професорката Виолета Чокова.
Овој концерт претставува значаен културен настан за градот, кој ја истакнува посветеноста кон развојот на балетската уметност, воспитувањето на нови генерации танчери и континуираното унапредување на уметничкото образование. Балетскиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“ веќе три децении создава млад кадар кој доследно ја негува традицијата на класичниот балет и активно придонесува кон културниот живот на Гевгелија.
Настанот претставува дел од богатата културно-уметничка програма за 2025 година, која ја афирмира Гевгелија како град што вложува и создава вредности во областа на културата.






