На 14 март 2026 година, во спортската сала при СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа 1. Меморијален турнир во одбојка „Љубе Ефтимов“, посветен на гевгеличанецот Љубе Ефтимов- поранешен одбојкар и спортски талент кој својот живот го посветил на одбојката. Турнирот беше организиран на иницијатива на Одбојкарскиот клуб „Гевгелија Ветерани“, а учествуваа екипи од Гевгелија, Струмица и Тетово.
На настанот, покрај членовите на семејството на Ефтимов, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, како и Петар Јовановски, претседател на Одбојкарска федерација на Македонија, кој го отвори Меморијалниот натпревар.
Сарамандов истакна дека ваквите настани имаат посебно значење, бидејќи преку спортот се оддава почит кон личности кои низ својот животен пат оставиле траен белег во гевгелискиот спортски живот, честитајќи им на организаторите за реализацијата на овој спортски настан.
Љубе Ефтимов (1954–2020) беше легенда на гевгелиската одбојка, со кариера која траеше три децении во неговиот матичен клуб ОК „Винојуг“- Гевгелија. Во текот на својата професионална патека, тој настапуваше во најсилниот состав на ЈНА, конкурирајќи со екипи од сите југословенски републики, а подоцна беше дел од „Б-селекцијата“ на репрезентацијата на Југославија.
Покрај своите спортски успеси, Љубе остави и значајно наследство како иницијатор и основач на Одбојкарскиот клуб „Гевгелија“, кој и денес ја негува неговата визија за спортот во заедницата. Со својата посветеност и континуитет, тој се стекна со почит и во локалните спортски кругови и пошироко, оставајќи траен белег во гевгелискиот одбојкарски живот.
Активностите на Одбојкарскиот клуб- Гевгелија „Ветерани“ се поддржани од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2026 година.































