Во знак на признание за постигнатиот успех, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, реализираше средба со учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и нивниот ментор Никола Караколев, кои го освоија првото место во футсал на „Гимназијада 2026“ во Струмица и се закитија со титулата државни шампиони.
Учениците од гевгелиската гимназија го освоија златниот медал во футсал и ја понесоа титулата државни прваци на Македонија, постигнувајќи го овој успех во силна конкуренција на околу 600 средношколци од повеќе градови низ државата. Покрај овој исклучителен резултат, тие го освоија и второто место во голем фудбал, уште еднаш потврдувајќи го својот квалитет, тимски дух и спортски потенцијал.
На средбата, градоначалникот Сарамандов им честиташе на учениците и на нивниот ментор за постигнатите резултати, нагласувајќи дека успехот е плод на напорна работа, дисциплина, посветеност и континуирана поддршка од наставниот кадар. Тој истакна дека нивните достигнувања претставуваат гордост за Гевгелија и доказ дека градот располага со талентирани млади спортисти кои достојно го претставуваат на државно ниво.
Градоначалникот Сарамандов потенцираше дека Општина Гевгелија и понатаму ќе продолжи да ги поддржува младите и да создава услови за нивен развој во спортот, образованието и сите области во кои постигнуваат значајни резултати и достојно го претставуваат градот.
Со освоените медали и високите пласмани, учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ уште еднаш потврдија дека Гевгелија располага со квалитетни и перспективни млади спортисти. Нивните успеси претставуваат дополнителен поттик за понатамошен развој на училишниот и масовниот спорт во општината и инспирација за новите генерации кои ќе го претставуваат градот на спортската сцена.









