Од 9 до 11 јуни 2026 година, Гевгелија уште еднаш ги отвори своите врати за младата музичка елита и се претвори во вистинска престолнина на класичната музика. Годинeшното, XIV по ред издание на Меѓународниот натпревар на млади пијанисти (International Piano Competition for Youth), уште еднаш ја потврди својата реномирана позиција како еден од најзначајните музички настани посветени на афирмацијата на младите пијанисти.
Овој значаен културен настан, кој веќе четиринаесет години успешно чекори напред благодарение на визијата и организацијата на истакнатиот македонски пијанист и уметнички педагог, Глигор Гелебешев, годинава привлече околу 60 талентирани учесника од земјава, што говори за неговиот висок квалитет и сериозен авторитет во државните рамки.
Во текот на интензивната тридневна натпреварувачка програма, младите изведувачи се претставија со солистички настапи, поделени во три возрасни категории и опфаќајќи дела од различни стилски епохи. Нивните изведби беа ставени под лупа на строго, меѓународно стручно жири составено од еминентни пијанисти и докажани музички педагози: проф. Милена Апиќ од Нови Сад (Република Србија), проф. Леа Шантек од Вараждин (Република Хрватска) и проф. Зрина Микелиќ Ботрил од Лондон (Велика Британија). При оценувањето беа земени предвид техничката подготвеност, музичката интерпретација, уметничката зрелост и сценскиот настап на натпреварувачите.
Во рамките на силната конкуренција, учениците од нашето ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија ги постигнаа следните резултати: Лазар Мијов освои максимални 100 поени и престижна Специјална награда, во класата на професорот Душко Лазаров. Од истата класа на професорот Лазаров, Константина Митрова освои Прва награда. Успехот на Училиштето го заокружи и ученикот Мохан Мишра кој ја освои Втората награда, под менторство на професорот Александар Лазаров. Овие резултати претставуваат уште една јасна потврда за континуираната и квалитетна работа на наставниот кадар во ООМУ „Васо Карајанов“, негувајќи таленти кои можат рамноправно да се носат со светот, а истовремено да бидат гордост и вистински амбасадори на својот град.
За Општина Гевгелија, овој натпревар претставува престижен културен бренд кој веќе четиринаесет години успешно го позиционира градот на меѓународната мапа на сериозната уметност. Четиринаесетгодишниот континуитет на настанот докажува дека Гевгелија е активен домаќин, поддржувач и генератор на трајни уметнички вредности. Овој голем успех дополнително го зацврстува статусот на Гевгелија како средина која пулсира во ритмот на културата и каде што уметноста и младинското творештво секогаш ја имаат најсилната институционална поддршка од Општина Гевгелија.











