Во населбата „Мрзенски Рид“ започна реализацијата на уште еден значаен комунален проект. Станува збор за изградба на нова водоводна мрежа на улица „Александар Бел“, при што ќе биде изграден цевковод во должина од 1.196 метри. Со реализацијата на проектот ќе се обезбеди сигурно и квалитетно водоснабдување за жителите на овој дел од градот, но и ќе се создадат услови за понатамошен урбан развој на населбата.
Новата водоводна мрежа ќе биде директно поврзана со главниот резервоар, што ќе овозможи стабилен доток на вода за постојните домаќинства, како и за идните објекти што ќе се градат во населбата. Притоа, со овој инфраструктурен зафат се заокружува подземната комунална инфраструктура во населбата „Мрзенски Рид“, што претставува важен предуслов за нејзино натамошно уредување и развој, имајќи го предвид зголемениот интерес за домување и изградба во овој дел од градот.
За значењето на проектот и континуираните инвестиции во комуналната инфраструктура, се осврна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој истакна дека развојот на населените места и подобрувањето на условите за живот на граѓаните остануваат меѓу клучните приоритети на локалната самоуправа.
– Со реализацијата на овој проект се создаваат услови за понатамошен развој на населбата, а воедно се потврдува нашата определба секој дел од општината да добива современа и функционална комунална инфраструктура. Во изминатиот период реализиравме повеќе значајни инфраструктурни проекти во градот и населените места, вложувајќи во водоводни и канализациски мрежи, реконструкција на улици и уредување на јавните простори, со цел подобар квалитет на живот на нашите сограѓани – истакна градоначалникот Сарамандов.














