Летото во Гевгелија и годинава е исполнето со спортски дух, младинска енергија и бројна публика, а посебно место во спортската хроника на градот имаат Меморијалните турнири во мал фудбал и баскет „Никола Гелебешев“ и „Иван Пенов“.
Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, спортска манифестација која низ годините прерасна во препознатлив спортски настан, повторно ги обедини младите спортисти и љубителите на фудбалот, истовремено негувајќи го споменот на Никола Гелебешев- еден од најдобрите голмани на ФК „Кожув“ и тренер кој остави значаен белег во работата со младинските генерации.
Новото издание на Tурнирот, во организација на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија, започна на 10 јули 2026 година, а натпреварите се одржуваа на мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“, кое и ова лето беше едно од главните собиралишта на младите и центар на спортскиот живот во градот.
На Tурнирот беа пријавени триесетина екипи во пет категории, со учесници од целиот Југоисточен Регион- од Гевгелија, Валандово, Богданци, Дојран, Кавадарци и Неготино. Натпреварите донесоа неизвесност, борбеност и голема поддршка од трибините, претворајќи го секој натпревар во вистински спортски настан. По финалето, следуваше свеченото прогласување на победниците на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, при што на најуспешните екипи им беа доделени пехари и медали. Во категоријата 2010/2008 генерација, 1. место го освои „Вамеса“- Гевгелија, 2. место „Тобако Лени“- Гевгелија, а 3. место „Маркет Года Чонов Микро“- Гевгелија. Кај генерацијата 2011/2012, 1. место освои „Клик“- Гевгелија, 2. место „Месарница Маја“, а 3. место „Нашто Маало“- Кавадарци. Во категоријата 2013/2014- „У10“ од Гевгелија го освои 1. место, 2. место „Гоад Херкуц“- Богданци, а 3. место „Каталонци“- Валандово. Во категоријата 2015/2016, 1. место освои „Интер Логистик“- Гевгелија, 2. место „Gevgelija Mall“, а 3. место „Џоко Чона Момбат“- Гевгелија, додека во категоријата 2017, 1. место го освои „Vibe Bar“- Гевгелија, 2. место „Џоко Чона Момбат“- Гевгелија, а 3. место „Дојранско Езеро“.
Посебна атмосфера имаше свеченото затворање кога преполните трибини и бројната публика создадоа спектакуларна слика. Со запалени бакли, огномет и силната поддршка од навивачите, Турнирот беше заокружен во атмосфера која уште еднаш покажа дека спортот во Гевгелија не е само натпревар, туку и начин на кој градот ги обединува младите, навивачите и љубителите на спортот.
Спортската атмосфера продолжи и со Меморијалниот турнир во баскет „Иван Пенов“, кој и оваа година ги собра младите баскетари, љубителите на кошарката и бројната публика на едно место, во натпревари исполнети со спортски дух, борбеност и неизвесност. Турнирот, во организација на истоименото здружение на граѓани, се одржа од 29 јули до 4 август на спортското кошаркарско игралиште „Иван Пенов“ во Гевгелија, каде што во текот на повеќедневната спортска програма се натпреваруваа 21 екипа од Гевгелија во три категории – сениори, јуниори и жени. Во текот на натпреварите се играше атрактивен баскет, проследен со голема мотивација и желба за победа.
Во сениорската конкуренција, првото место го освои екипата „Авто делови Римак“, додека третото место го поделија екипите „Итек“ и „Тројка“. Кај јуниорите, најуспешна беше екипата „Каблера“, додека второто место го поделија „Тројка“ и „Џуми“. Во женска конкуренција, првото место го освои „Џуми“, второто место припадна на „Rookie фитнес центар“, а третото на „Максим кафе“.
За најуспешните екипи беа обезбедени парични награди, пехари и медали, со што беа наградени нивниот труд, ангажман и постигнатите резултати. Покрај натпреварувачкиот карактер, Турнирот уште еднаш покажа дека баскетот има посебно место меѓу младите во Гевгелија, а спортското игралиште „Иван Пенов“ беше исполнето со позитивна енергија, навивање и поддршка од публиката.
Меморијалниот турнир го носи името на младиот кошаркар на „Кожув“, 18-годишниот Иван Пенов, а неговото одржување претставува начин да се зачува сеќавањето на младиот спортист и неговата посветеност кон кошарката. Преку спортот, дружењето и младинското учество, Tурнирот ја продолжува традицијата и создава простор за новите генерации баскетари да го покажат својот талент и спортскиот дух.
Двата спортски настани се реализирани со поддршка од Општина Гевгелија, преку Програмата за спортски активности за 2026 година, со која Општина Гевгелија продолжува да вложува во развојот и промоцијата на спортот, поттикнувајќи го учеството на младите во спортските активности и создавајќи услови за организирање на квалитетни спортски содржини во општината.








































































