Во општина Гевгелија е воспоставена нова социјална услуга за повозрасните граѓани- официјално е пуштен во употреба Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. На свеченоста присуствуваа министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски; генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити; градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; претставници на локалната самоуправа и други локални чинители, како и потенцијални корисници на услугата.
– Навистина ми е денеска чест и задоволство што заедно со градоначалникот на oпштина Гевгелија, со генералниот секретар на Црвениот крст, секретарот тука на Црвениот крст во Гевгелија и сите останати, пред сè, идни корисници на овој дневен центар, имаме можност еден таков прекрасен објект да стане реалност денеска за токму нашите највозрасни граѓани, на оние коишто им е потребна секојдневна дружба пред сè, а секако и социјализација- рече министерот Велковски.
Тој посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади и во иднина ќе продолжи да инвестира во поддршка за повозрасните категории граѓани, со цел тие да имаат поквалитетен живот.
– Оваа инвестиција од повеќе од еден милион денари е направена токму за овој објект да биде идното место каде што токму оваа категорија на граѓани ќе бидат задоволни и ќе имаат место каде ќе се дружат и во иднина“, истакна Велковски.
Градоначалникот Андон Сарамандов нагласи дека станува збор за втор проект што Општина Гевгелија го реализира во соработка со Министерството и Црвениот крст.
– Првиот проект кој почнавме да го реализираме беше ангажирање на лични асистенти за лица со попреченост и веќе втора година функционира одлично, а со овој проект овозможуваме, особено на повозрасните лица од Општина Гевгелија, едно ново катче каде што ќе се дружат и ќе бидат дел од заедницата- рече Сарамандов.
Тој нагласи дека услугата ќе биде достапна и за повозрасните лица од населените места во општината.
– Исто така, овој центар ќе ги опслужува и граѓаните од населените места, значи оваа услуга ќе можат да ја користат сите повозрасни лица од нашата општина- додаде Градоначалникот.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, ја истакна важноста на соработката меѓу институциите во обезбедувањето поддршка за граѓаните.
– Еве денеска сме сведоци на уште еден успех во низата на успеси, една добра соработка, партнерство помеѓу институциите, во случајов Црвениот крст, Министерството и локалната самоуправа- истакна Саити.
Тој посочи дека Црвениот крст и понатаму ќе продолжи да биде партнер на институциите и да ги става своите можности во функција на заедничките цели.
– Црвениот крст секако дека и понатаму ќе продолжи да биде блиску до институциите на системот, во смисла на еден партнер, еден соработник на властите, како што прочем бидува во сите држави, да можеме да го дадеме нашиот придонес, нашите можности да ги ставиме во функција на заедничките цели, а тоа е грижата за населението- додаде Саити.
Центарот е воспоставен преку Општинската организација на Црвениот крст Гевгелија, како давател на услугата, во соработка со Општина Гевгелија, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светската банка.
Центарот има капацитет за 50 лица и е целосно функционално опремен. Во него ќе се спроведуваат социјални, културни, едукативни, рекреативни и здравствено-превентивни активности, насочени кон подобрување на квалитетот на животот, одржување на функционалноста и поттикнување на активното стареење.
Со новата услуга, повозрасните граѓани од Гевгелија и населените места добиваат простор за дружење, активности и социјализација, со што се создаваат дополнителни можности за нивна поголема вклученост во локалната заедница.




























