Двесте и петнаесет деца од општина Гевгелија во текот на август беа дел од Проектот за изучување основни вештини по пливање, со што и ова лето имаа можност бесплатно да посетуваат часови и да се дружат во текот на летните денови. Часовите ги реализираа наставници по Спорт и спортски активности, кои работеа со децата на совладување на основните вештини по пливање и стекнување поголема сигурност во вода.
Проектот го финансира Општина Гевгелија преку Програмата за спортски активности за 2026 година, како дел од поддршката на спортските активности за најмладите жители на општината. Градоначалникот на општина Гевгелија, Aндон Сарамандов, ги посети децата, за што на крајот од завршувањето на Проектот, за нивниот труд, напредок и успешно завршените часови, им беа доделени медали како знак на признание.
– Посебно ми е драго што интересот за часови по пливање од година во година расте, а со тоа се зголемува и бројот на деца. Ова е потврда дека ваквите активности се потребни и добро прифатени и од децата и од родителите. Голема благодарност до инструкторите кои посветено со професионален однос работеа со децата и придонесоа секој од нив да научи нешто ново и да стане посигурен во вода- истакна градоначалникот Сарамандов.
Градоначалникот посочи дека локалната самоуправа ќе продолжи со поддршка на вакви активности, нагласувајќи го значењето на пливањето за физичкиот развој на децата:
– Ме радува што како локална самоуправа и ова лето создадовме убави моменти за нашите најмлади. Ќе продолжиме со поддршка на вакви активности, пливањето како спорт има важна улога во правилниот физички развој на децата.

























