Гевгеличани и очекуваните бројни гости и годинава ќе живеат во ритамот на гастрономијата, музиката и традицијата со четвртото издание на Гастрономско-музичкиот фестивал „Тaste the south- Вкуси го југот“, којшто од 11 до 13 септември 2026 година ќе се одржува на паркингот кај новиот пазар „Сава Михајлов“. Три фестивалски дена ќе донесат разновидна програма во која традиционалните вредности и локалната култура ќе се преплетат со современата македонска музичка сцена, создавајќи амбиент во кој посетителите ќе можат да уживаат во гастрономските вкусови и во богата музичка понуда.
Фестивалот започнува во петок, 11 септември, со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, со што уште на самиот почеток ќе биде ставен акцент на фолклорот и традицијата на овој крај. Од 19:30 часот следува настапот на Филип Стојанов, по што во 20:45 часот следува настапот на „Пауза за ракија“. Петочната вечер продолжува со музиката на „Куку Леле“ од 22:10 часот, додека фестивалската атмосфера ќе кулминира со настапот на „Брас Брадарс“ во 23:50 часот.
Саботната програма, 12 септември, започнува во 18:30 часот со КУД „Танец“ од Миравци, по што во 19:15 часот настапува „Леге Артис“. Музичката програма продолжува со Кико Болеро и „Болеро бенд“ од 20:15 часот, а од 21:30 часот на фестивалската сцена доаѓа „Нокаут“. Саботната фестивалска вечер ќе продолжи со настапот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе“, закажан за 23:15 часот.
Последниот фестивалски ден, недела, 13 септември, носи поинаков ритам и започнува уште во попладневните часови. Програмата во 14:00 часот ја отвора Школата за гитари при Пионерскиот дом, а во 15:00 часот следува настапот на Школата за тапани при Пионерскиот дом, давајќи им простор на младите музички таленти да се претстават пред фестивалската публика. Од 17:00 часот следува настапот на Ансамбл „Бојмија“, а во 17:45 часот публиката ќе има можност да го проследи настапот на „Мистик“. Во 18:30 часот ќе се одржи Музичкиот фестивал „Калинка“, по што во 19:45 часот следува настапот на Наталија Данаилова. Завршницата на четвртото издание на „Taste the south“ е резервирана за две големи имиња од македонската музичка сцена. Во 21:00 часот настапуваат „Два Бона“, додека фестивалот свечено ќе биде затворен со концертот на Каролина Гочева во 22:30 часот.
Со ваквата програма, „Taste the south“ и во своето четврто издание ја потврдува идејата за фестивал кој на едно место ги обединува гастрономијата, музиката, фолклорот, младите таленти и локалната традиција, претворајќи го септемврискиот викенд во Гевгелија во тридневна фестивалска средба за посетители од градот, регионот и пошироко.
Од 11 до 13 септември 2026 година, Гевгелија ќе вкусува, слуша и слави во духот на југот- на „Taste the south“ Vol. 04.





