Изминатите неколку дена, во спортската сала „26 Април“, се одржа „Фајнал фор“ првенството од М-18 лигата, со што Гевгелија уште еднаш беше спортски центар на кошарката. На овој турнир, во дуелите силите си ги измерија екипите: „Водно Санс“, „Феникс“, „Вардар“ и „Кожув“, коишто ги проследија голем број љубители на кошарката.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ја имаше честа да им ги врачи пехарите на учесниците, а за успешното одржување на „Фајнал фор“ истакна:
– По обезбедениот пласман на КК „Кожув“, љубителите на спортот во Гевгелија имаа можност во преубава атмосфера да ги проследат дуелите на четирите најдобри екипи во категоријата М-18, во полната сала „26 Април“ во Гевгелија. Честитки до младите кошаркари од КК „Кожув“ за обезбеденото 4. место на Турнирот, кои со макотрпна работа и многу труд на терените бележат успеси во младинските натпреварувања.
Несомнено, изминатиот период покажавме дека Гевгелија секогаш знае да биде добар организатор и домаќин. Нашата заложба е вложување во младите таленти, што се покажа како добар пример со формирањето на КК „Гевгелија“. Поголемата вклученост на младите спортисти ќе придонесе во нивен правилен развој, но, исто така, тие претставуваат и иднината на кошарката во нашиот град.
Имено, „Вардар“ се нов шампион на Македонија, по совладувањето на „Водно Санс“, оставајќи ги да бидат зад нив, на второто место. Третопласирани се „Феникс“, а четвртопласирани КК „Кожув“. За најкорисен играч на Турнирот, беше прогласен Марко Луканоски од победничката екипа.