Периодот средината на јули – почетокот на август во општина Гевгелија го одбележаа одржувањата на спортските натпревари во мал фудбал и баскет. На мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“- Гевгелија, беше одржан 2. по ред Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, во организација на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија. Две недели, трибините беа полни со публика, проследувајќи ги натпреварите помеѓу 27 пријавени екипи во шест категории различни генерации од повеќе населени места и општини. Секако, Меморијалот започна со одигрувањето на ревијален натпревар, на кој учествуваа поранешни играчи под менторство на гевгелискиот тренер и голман, Никола Гелебешев.
Во генерација 2017, победници се „Авангард“, ген. 2015/16 – ФК „Кожув“- Гевгелија, ген. 2013/14 – „У10“, ген. 2011/12 – „КМХ Валандово“, ген. 2009/10 – „Скара бар Тире“ и ген. 2005/08 – „Автошкола Прима“. За најдобар голман на Турнирот е прогласен Томе Стоилков од екипата на „Автошкола Прима“, за најдобар играч – Теодор Пешевски од екипата на „Скара бар Тире“, а Христијан Демиров за најдобар стрелец од екипата на „Автошкола Прима“. На завршницата, организаторите и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и синот на Никола Гелебешев, Коста Гелебешев, им ги доделија паричните награди и признанијата на најдобрите. Сарамандов го изрази своето задоволство што беа полни трибините на спортското игралиште ДТВ „Партизан“ во чест на гевгелиската фудбалска легенда Никола Гелебешев.
– Гевгелија две недели уживаше во фудбалските натпревари како во старите времиња, кога терените беа полни со луѓе и талентирани натпреварувачи. Големо браво за ентузијастите од Навивачката група „Фантоми Север“, кои беа организатори на двонеделниот меморијал. Организирањето на ваквите настани придонесува во анимирањето на што поголем број млади луѓе во спортот, што за нас е доволен мотив за давање поддршка и обезбедување подобри услови за истите, истакна Сарамандов.
Во Миравци, пак, се одржа Меморијалниот турнир во мал фудбал „КМФ Млади“, на којшто се натпреваруваа повеќе екипи- јуниори и сениори, од повеќе населени места и општини. Имено, „Кафе бар Проект“- Јосифово го освои првото место на Меморијалот, зад нив се „Црна река“- Возарци, трето место се „Марјан Ринго“- Брајковци, а четврто Меморијална екипа „Шулц“- Росоман. На коишто им беа доделени парични награди, пехари и дипломи. Индивидуално се наградени Антонио Петровски од екипата на „Проект“ за најдобар голман, Тале Трајков од истоимената екипа за најдобар стрелец, а Андреј Јаневски од „Црна Река“ за најдобар играч. Екипни признанија добија и „Мики Џа“- Гевгелија за почесна екипа на „Мики Џа“- Гевгелија, а за фер-плеј екипаta на „Милан Транспорт“- Росоман.
Традиционално, во соработка со ОО Црвен крст- Гевгелија и Институтот за трансфузиона медицина, беше спроведена и крводарителска акција. Од вкупно 29 крводарители, Крсте Ѓуров го доби велосипедот како награда за хуманоста. Организаторот на овој Меморијален турнир е ЗГ „КМФ Млади“- Миравци.
Меморијалниот турнир во баскет 3х3 „Иван Пенов“, во организација на семејството и пријателите на Пенов, се одржа од 31 јули до 4 август, на кошаркарското игралиште во Гевгелија. На Турнирот, учествуваа 20 екипи од општина Гевгелија, во три категории- сениори, јуниори до 17 години и девојчиња. Почетокот го означија натпреварите во женската категорија, а заврши со натпреварувањата на сениорите. Кај сениорите, победата ја понесоа екипата на „Дон Андон“, кај јуниорите – Cabrela caffe, а помеѓу женските екипи Check Mates. Илија Колев е прогласен за најдобар играч, Јордан Кузманов за најдобар во забивање, а Живко Старделов за најдобар шутер за тројки.
На завршниот ден, свечено им беа доделени парични награди и признанија на пласираните екипи, во чест на трагично загинатиот Иван Пенов, член на КК „Кожув“- Гевгелија.
Турнирите се поддржани финансиски и логистички од Општина Гевгелија, преку Програмата за спортски активности во 2024 година.